Skip to main content
Емотивен, енергичен и носталгичен концерт на „Бјело Дугме“

Скопје, благодариме за прекрасната вечер, се надевам дека сите вие ќе ја паметите како што ние ќе ја паметиме

Скопје, благодариме за прекрасната вечер, се надевам дека сите вие ќе ја паметите како што ние ќе ја паметиме. Ова се живите останати членови на „Бијело Дугме“ и се надеваме дека и за вас ова беше една незаборавна вечер, кога пеевме стари песни и ни беше убаво, рече синоќа Бреговиќ на крајот од концертот во Арената „Борис Трајковски“, која беше исполнета до последното место и да имаше уште простор и тој ќе беше исполнет.


Одамна немаме видено, на некој концерт во Скопје толку многу луѓе кои чекаат да влезат. Во три редици луѓе од сите генерации чекаа со нетрпение да влезат на концертот на својот омилен бенд. Постарите кои растеле и живееле со музиката на „Дугме“ и помлади кои дополнително се запознале и ја засакале музиката на Горан Бреговиќ.

Некои концерти се паметат, а некои – се чувствуваат. Онаму каде што музиката се претвора во спомен, а споменот во вечност, „Бијело дугме“ повторно се случи – овој пат во Скопје.

Некои спомени не бледнеат. Само чекаат повторно да бидат разбудени. Некои песни не стареат. Само добиваат ново значење со секое слушање. А некои бендови… не се враќаат – тие никогаш и не си заминуваат.

Се сеќавате ли на првиот пат кога ја слушнавте „Selma“ на грамофон, кога срцето ви застана на „Pristao sam biću sve što hoće“, или кога цела генерација ја пееше „Ružica si bila“ под тивките светла на матурската вечер? Тоа не беа само песни – тоа беа химни на младоста, плејлиста на првите љубови, на долгите ноќи со радиото крај креветот, на топлите лета поминати со друштвото пред зграда, и на оние писма испишани со сини пенкала на миризлива хартија.

„Бијело дугме“ нè учеше дека емоцијата е погласна од секој рефрен, а гласот на генерацијата звучи најсилно кога е обвиена во љубов, револуција и вистина. Во тие ноти, сè уште се крие мирисот на детството, звукот на првите чекори кон слободата, и тагата што понекогаш знаеше да биде најубавата форма на среќа.

Синоќа легендарниот бенд одржа двочасовен концерт во рамки на турнејата „Doživjeti Stotu“, со која одбележуваат 50 години од своето постоење. Концертот се одржа во оригинална постава ,носејќи го својот препознатлив звук, револуционерна енергија и носталгија која ги обединува генерациите.


Брега и Тифа го започнаа концертот, а потоа на сцената се приклучи и Ален Исламовиќ, за во последниот дел од концертот сите заедно да ги исполнат најголемите хитови на бендот.

Музиката на „Бијело Дугме“ ја исполни секоја клетка на присутните, не беше важно ни тоа што беше топло во салата, ни гужвата, сите пееја во еден глас, играа и секој чекаше бендот да ја изведе неговата омилена песна и да се присети на времето кога таа била хит и на местата каде ја слушале.

Беше емотивно, енергично, носталгично и весело – бидеќи омилениот бенд можеше да се види и слушне со саканите песни.


„Бијело дугме“ со Бреговиќ, Тифа и Ален не потсети на некои стари времиња кога музиката не беше само ноти туку многу емоции и љубов.

Поврзани вести