
Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, вечерва (Понеделник, 20 април) со почеток во 20 часот, во концертната сала на Факултетот за музичка уметност ќе одржи бесплатен концерт во чест на 60-годишниот јубилеј од основањето на оваа институција. Факултетот влегува во ново и динамично поглавје преку богата концертна активност, семинари и настани со кои на достоен начин го одбележува овој значаен јубилеј.
На програмата на овој концерт се застапени капиталните и мистериозни „Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах – дело застапено во репертоарот на мал број пијанисти во светот поради тоа што од изведувачот бара огромна подготвеност, уметничка зрелост и исклучителен технички виртуозитет. Ова дело, кое Имери го изведе со огромен успех минатата година во светскиот музички центар – Виена, тој ќе го изведе и на својата претстојна турнеја во неколку градови во Германија во организација на Керценконцерте Дојчланд.
Со задоволство се приклучувам кон честитките за овој значаен јубилеј на мојата матична институција – Факултетот за музичка уметност, каде своевремено се стекнував со своето образование, а денес сум дел од наставниот кадар како вонреден професор. Активно ги подготвувам така наречените ‘Голдберг варијации’ последниве шест години и можам да кажам дека станува збор за творба која се проучува целиот творечки живот. За мене, секоја изведба на ова дело претставува огромен предизвик, но и празник за душа. Неделава ќе имам можност да ги изведам дури четири пати на различни места во светот, а за тоа е потребна посебна дисциплина, посветеност и начин на живот“, изјави Маестро Имери.
Влезот на концертот е слободен, а публиката на овој концерт ќе може да ужива и во изведбата на Лина Бојаџиева – перспективна пијанистка и студентка во класата на колешката вонр. проф. м-р Марија Вршкова – која, исто така, ќе изведе музика од Бах.

Македонски


