Skip to main content
lxw_1Rg-RQo

„Стотројка“ го објави „Дома“ – ново издание на Тодор Караколев

Стотројка го објави „Дома“, најновиот малбум (EP) на Тодор Караколев, пејач-песнописец и продуцент кој создава композиции со силен емотивен набој и луцидна лирика, движејќи се лесно и непредвидливо помеѓу различни стилови на електронската музика.

Како што пишува Џо Јанглав (Joe Younglove) од Канал 103, „Дома“ отвора простор во кој се преплетуваат кошмарни и фантазмагорични визии. По инструменталната „103“, која упатува кон едно посебно „дома“ за многумина, следуваат насловната тема и „Сеедно“, две композиции со минималистички текстови, испеани речиси како мантри. Желбата да се напушти гужвата и да се најде засолниште постепено се претвора во тивко олеснување. Со внимателно обликувана електронска продукција, изданието истовремено носи немир и смиреност.

Тодор Караколев

Придружното видео за „103“ е дело на Дамјан Цветков Димитров, поранешен соработник на Канал 103, кој денес живее и работи во САД. Создадено од 3D скенирање на студиото на Стотројка, тоа има речиси архивски карактер, сведоштво за еден простор чие значење одамна ги надминало неговите ѕидови.

Музиката е во комплетно авторство на Тодор Караколев, мастерингот го изработи Алекс Плант, додека омотот е дело на аниматорот и визуелен уметник Кристијан Савиќ.