
На 07.11.2025 година, во концертната сала „Фердинанд Деда“ при Националната телевизија на Албанија- РТШ, во организација на Македонскиот културен центар во Тирана и во соработка со фестивалот „Магична флејта“, се одржа концерт на македонското трио Анимато.
Триото го сочинуваат двете флејтистки Даниела Неделковска и Симона Марочковска Манојловска и пијанистката Светлана Димитриевска. Во вториот дел од концертот следуваше изведба на оркестарот на РТШ со кларинетистот Роланд Бербиу, под диригентство на Фатос Керимај.
На програмата беа изведени дела од Шор, Доплер, Копланд, Моцарт, Елгар, како и од македонскиот композитор Трајко Прокопиев, создавајќи рановидна и инспиративна музичка вечер.
Во преполната сала, уметниците блеснаа со својата извонредна изведба, а публиката ги награди со долги аплаузи и стоечки овации. Концертот го снимаше телевизиската куќа РТШ и наскоро ќе биде емитуван на нивната програма. Концертот, заедно со неговото снимање и емитување, е во организација на директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, која активно работи на промоција на македонските уметници и македонската култура во Албанија и пошироко.
Овој настан, поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија, претставува значаен чекор во изградбата на културни мостови меѓу Македонија и Албанија, потврдувајќи ја важната улога на Културно-информативниот центар во Тирана како место што ги поврзува уметниците и ја промовира македонската култура во регионот.

Македонски








