
Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево денеска беше центарот на емоциите, спомените и музиката. Со неговите песни, со посета на неговото вечно почивалиште на Гумење, со промоција на книга за Тоше, се одбележа 45-тиот роденден на македонската и балканска голема музичка ѕвезда, Тоше Проески.
Иако прерано нè напушти, настанот уште еднаш потврди дека неговиот лик, неговата хуманост и вонсериски талент остануваат трајна вредност која продолжува да обединува, вели директорот на спомен домот Зоран Николоски.
Годинашново чествување помина во знакот на младоста. На сцената во Спомен-куќата, звуците на безвременските хитови на Тоше ги донесоа млади и талентирани музички имиња, меѓу кои сограѓанките на Тоше, Ребека и Леона Јанкоска, Кирана Иваноска, Дорис Димовска, Марија Алинчанец, Јана Мрческа.
Во спомен-домот на Гумење беше промовирана и книгата „Душа остана“ од Бојан Тодоровски од Битола.
Книгата, напишана со многу љубов и почит кон ликот и делото на Тоше, претставува уште еден пишан споменик за неговото влијание врз генерациите. Пораката „Ве сакам сите“ која и по толку години одекнува низ Крушево, денеска повторно нè потсети дека Тоше не е само дел од македонската историја, туку и дел од секое наше срце. Спомен-куќата, која е „дом“ на неговите лични предмети и награди, беше претесна за да ги прими сите фанови и почитувачи кои дојдоа да му оддадат почит на човекот кој со својата песна и добрина го освои светот. Настанот уште еднаш докажа дека Тоше Проески останува мост што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината на македонската музика, вели Зоран Николоски, директор на Спомен-куќата „Тодор Проески“ во крушево во која, а и на вечното почивалиште на Тоше на Гумење денеска се упатија бројни посетители, поддржувачи на Тоше од Македонија и од другите земи.

Македонски




