
Во обновената кино-сала во вечер Валандово ќе се одржи промоција на винил изданието на ансамблот„Распеани Валандовчани“. Промоцијата е во организација на Општина Валандово и во соработка со ансамблот. Во рамки на промоцијата, ансамблот ќе настапи во живо со дел од нивниот репертоар кој ќе вклучи и песни селектирани за ова винил издание. Концертните настапи ќе бидат проследени со документарни материјали од аудио-визуелен карактер, следејќи ја музичката историја на ансамблот од основањето, па се до денеска.
-Иницијативата за ова издание произлезе од Мирко Попов, инспириран од звукот на македонската народна песна, пренесена во живиот настап на ансамблот „Распеани Валандовчани“. Неговата визија и посветена работа за афирмација на домашното творештво преку продукција и издавање македонска музика, ја потврди и оваа инцијатива, која прерасна во соработка со ансамблот, целосно препознаена и поддржана од Општина Валандово. Со тоа „Распеани Валандовчани“ добија ново музичко издание на најквалитетниот и најценет носач на звук – винилот, кој стана дел од дискографијата на ПМГ Џез. Ова е нивно второ издание на винил, по 5 декади временска дистанца од првото издание за тогашната Радио-Телевизија Белград, велат организаторите.

На ова винил издание се најдоа осум композиции, од кои седум народни песни: „Што да правам, што да чинам“, „Сношти дојдов од Стамбола“, „Настрана, настрана Нешо“, „А дадеја Јана“, „Малој моме цвеќе брало“, „Мори чупи костурчанки“, „Мома седи на чардакот“, и песната „Химна на Валандово“ на Леонид Манчев во аранжман на Петар Ризов.
Изборот на композициите го направи Мирко Попов, кој е и извршен продуцент. Песните се изведени од ансамблот „Распеани Валандовчани, чии претседател е Зоран Стојчев, а музички раководител е Петар Ризов. Музиката е снимена во Валандово од Владан и Павел Дробицки, а миксот и мастерингот е на Владан Дробицки. Обвивката за ова издание го изработи професорот и еден од водечките македонски уметници и иноватори по дизајн – Костадин Танчев-Динка. Носител на проектот и издавач на винилот е Здружението за развој на музика и култура „Крај Вардарот“, чија реализација ја раководеше Виолета Качакова. Проектот финансиски е поддржан од Општина Валандово.