
Оркестарот на Македонската филхармонија в петок (25 април) со почеток во 11:00 часот ќе одржи концерт за деца со наслов „Имате ли ритам?“, преку организирана училишта посета.
Диригент ќе биде маестро Иван Еминовиќ, а аниматор – актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе децата во тајните на ритамот и неговата разновидност. Од Филхармонијата информираат дека посетителите ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцентот е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља.
Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија… а Јорданоски ќе се обиде да ги анимира децата низ игра и хумор, „свирејќи“ на разноразни предмети и докажувајќи дека ритамот го има насекаде околу нас. Овој пат особено ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат и едно изненадување, а на сцената ќе настапат и неколку талентирани деца.
Иван Еминовиќ е роден во Скопје и започнал да ја изучува музиката на шестгодишна возраст. Се запишал на Одделот за оркестарско диригирање на ФМУ, во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, каде што дипломирал во 2010 година, со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на Фондацијата „Томислав Зографски“, како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година, магистрирал со почести на Одделот, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист, има одржано голем број концерти во Македонија и во странство и е добитник на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Македонската опера и балет, меѓу кои: „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилскиот бербер“, „Кавалерија рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ – Моцарт, како и многубројни концерти.