Skip to main content

Концерт на Васил Хаџиманов вечерва во Скопје

Еден од најавтентичните и највлијателни џез музичари од Балканот, Васил Хаџиманов, вечер во 21 часот ќе одржи концерт во „Паблик рум“ во Скопје, каде што ќе настапи со својот бенд во состав познат по силната сценска енергија и непредвидливите музички патувања, информираат организаторите на концертот.

Публиката, велат организаторите, може да очекува вечер исполнета со слобода, импровизација и емоција, со избор од делата на Хаџиманов од неговите досегашни осум албуми, како и премиерно изведување на дел од материјалот што ќе се најде на неговиот деветти студиски албум.

„Секој настап во Скопје за мене е вистинска радост и повторна средба со луѓе што многу ги сакам,“ вели Хаџиманов, додавајќи дека најважно во музиката е искреноста и спонтаноста. „Џезот е жив организам што постојано се менува – нема правила, сè е дозволено и сè е во игра“, истакнува Хаџиманов.

Во своето творештво, Хаџиманов маестрално ги спојува џез-импровизацијата, балканските ритмови, електрониката и современиот урбан звук, создавајќи единствен музички јазик што ја обединува публиката од различни генерации и култури.

Поврзани вести