
Со глас полн емоција и младешка искреност Марија Спасовска дава нов живот на едно од најемотивните народни ремек-дела — песната „Ја излези стара мајко“. Под палката на маестро Николче Мицевски, оваа преработка е најновото музичко парче во мозаикот на проектот „Македонијо, во срце те носиме“, кој неуморно ја негува и слави македонската музика.
Секоја нота од оваа песна зборува за она што сме биле, што сме и што ќе останеме. Преку болката и копнежот на младата девојка за недостижниот Осман-бег, ечеше и уште одекнува емоцијата што само македонската песна знае да ја пренесе — искрена, длабока, горда. Рефренот „умрев за него“ не е само стих — тоа е крик на љубовта врежан во колективната меморија на народот.
Песната има длабоки корени во охридскиот фолклор. Се раскажува дека настанала од вистинска случка — љубовна приказна помеѓу охридска убавица и Осман-бег, прошарана со срам и страст, но оставена на времето да ја претвори во легенда. Таа приказна денес добива нов глас, нов звук и нова емоција преку Марија.
Проектот зад кој стои Скендеровски продукција веќе нѐ потсети колку е важно да ги чуваме и негуваме нашите музички корени. Досега уживавме во преработките на „Не кажувај либе добра ноќ“ (Огнен Здравковски), „Како пиреј“ (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите“ (Миле Кузмановски) и „Како што е таа чаша“ (Спасен Силјаноски), секоја песна — сведоштво дека македонската песна не старее, туку се преродува.
Затоа приказната продолжува, а останатите песни повторно во духот на мотото „да ја обоиме Македонија со најубавите звуци“ ќе бидат промовирани во периодот што следува.
Додека ја слушате „Ја излези стара мајко“ дозволете си да се потсетите зошто ја сакаме оваа земја – заради нејзините приказни, нејзините песни, музиката што нѐ спојува и нè држи заедно, и кога сме далеку, и кога сме тивки.
Проектот продолжува со иста љубов и исто срце, а до следната песна нека Македонија одекнува во вашите домови и срца.