
Уметницата, илустраторка и стрип-авторка Славица Купенкова, позната под уметничкото име Дона да Видра, ќе ја претставува Македонија на фестивалот „Чукнути фест“ во Србија, каде што ќе одржи креативна работилница за стрип за деца и млади на возраст од 8 до 15 години.
Во Белград, од 8 до 10 октомври 2026 година, се одржува второто издание на Чукаричкиот стрип-фестивал „Чукнути фест“, културен настан посветен на деветтата уметност, кој обединува стрип-автори, илустратори, теоретичари, издавачи и љубители на стрипот.
Меѓу овогодинешните гости е и македонската уметница, илустраторка и стрип-авторка Дона да Видра (Славица Купенкова), која ќе биде дел од фестивалската програма во петок, 9 октомври.

Во рамките на фестивалот, Дона да Видра ќе одржи две креативни работилници за цртање стрип, наменети за деца и млади на возраст од 8 до 15 години, со цел да ги поттикне нивната фантазија, креативност и интерес за визуелното раскажување приказни.
Работилниците ќе се одржат во два термина, од 12:00 до 13:00 часот и од 16:00 до 17:00 часот, на платото кај фонтаната во Пожешка улица, во белградската општина Чукарица.
Преку цртање, создавање ликови и визуелно раскажување, младите учесници ќе имаат можност да се запознаат со основите на стрип-уметноста и да откријат како една идеја може да прерасне во оригинална стрип-приказна.
Учеството на Дона да Видра претставува уште една можност за промоција на македонската современа илустрација и стрип-творештво надвор од границите на Македонија, како и за културна размена и поврзување со автори и публика од регионот.
Фестивалот „Чукнути фест“ нуди богата тридневна програма која вклучува изложба на стрипови, трибини посветени на мангата, американскиот и научнофантастичниот стрип, средби со автори, продажно-изложбен саем на стрипови и едукативни работилници.
Меѓу гостите се и стрип-теоретичарот Владимир Попов, историчарот на научнофантастичниот стрип Тихомир Јовановиќ и писателот и издавач Бобан Кнежевиќ.
Фестивалот ќе заврши на 10 октомври со доделување дипломи и награди за најуспешните учесници во работилниците за цртање, како и со доделување на годишните награди на здружението „Мика Миш“.
Со своето гостување во Белград, Дона да Видра ја продолжува својата уметничка мисија – преку илустрацијата и стрипот да ја доближи уметноста до младите генерации и да ги охрабри да го развиваат сопствениот креативен израз.

Македонски


