Skip to main content

ГалИцко – најдобриот планински музички фестивал 4. пат во Галичник

На 21 јуни, Галичник ќе биде домаќин на четвртото издание на ГалИцко фестивал – настан кој се одржува во чест на починатиот диџеј Ицко од Антена 5 радио.

Фестивалот од година во година станува сè помасовен и полека прераснува во традиција која ги сплотува љубителите на електронската музика од целата држава.

Програмата годинава започнува рано наутро со планинарска тура до Меденица, во организација на I Love Hiking Group – Macedonia, со старт во 08:30 часот.

Во истото време, ПСК Бистра – Гостивар ќе ја предводи искачувачката тура по Ицковата патека (именувана по диџеј Ицко).

За љубителите на адреналинот и природата, United Macedonian Bikers ќе ја организираат велосипедската off-road тура по рутата Галичник–Лазарополе–Галичник, додека познатата бајкерска заедница „Ноќни волци“ ќе имаат мото тура на трасата Скопје–Галичник–Скопје.

Музичкиот дел на фестивалот започнува од 19:00 часот на платото пред црквата „Св. Петар и Павле“ (локација: чешма Упија), и ќе трае до 1 часот по полноќ.

За добра забава годинава ќе се погрижат Никифор, Галоски, BDM Hybrid Live Set, Лефанк и Мартин и Кандар.

За љубителите на кампувањето е обезбеден простор за кампинг во близина на центарот на селото, овозможувајќи им на посетителите да останат цела ноќ, да се поврзат и да го почувствуваат Галичник во неговата полна автентичност.

Влезот на ГалИцко фестивал е бесплатен и е можност за одлично дружење, забава и незаборавна ноќ во Галичник.

Поврзани вести