Skip to main content

Затворање на 15. Филозофски филмски фестивал и прогласување на победниците

Филозофски филмски фестивал

Вечерва ќе бидат прогласени добитниците на наградите од стручното жири и од публиката на 15. Филозофски филмски фестивал кој се одржува во Скопје. Фестивалот доделува „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според жири и според публика, „Златен був“ за најдобар краткометражен филм според жири и според публика и Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм. Годинава жирито беше составено од домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија).

Програмата за последниот фестивалски ден започнува во 18 часот. Ќе биде прикажан „Бесконечниот свет“ од Лукас Бергер, потоа следува „Случајни животни“ на Лејла Фатима Кејта и Феликс Кле, дел од селекцијата е и „Дневникот на едно небо“, во кој Лоренс Абу Хамдан и и четвртиот видео есеј кој ќе се проектира е „Последни нешта“, филозофско-геолошка медитација направена во духот на постхуманизмот на Дебора Стратман.

Во 21 часот ќе бидат соопштени наградените филмови, а потоа публиката ќе може да ужива во прекрасното филмско остварување на Дерек Џарман, посветено на еден од најважните филозофи во XX век. Во „Витгенштајн“ (72’) е претставена драматизација на животот и филозофијата на Лудвиг Витгенштајн (1889-1951), преку неколку сцени од неговата биографија, визуелизирани со минималистичка сценографија, врз база на сценарио на литературниот теоретичар Тери Иглтон. Личните авантури, во контраст со комплексните филозофски идеи (во кои главните интереси биле природата и границите на јазикот), парадоксите на логиката и комуникацијата, за режисерот Дерек Џарман биле подлошка врз која претставува една егзистенција во модерниот свет во кој меѓусебното разбирање не е само тешкотија во практичниот живот, туку и во теориската проблематика. По проекцијата ќе биде прикажано постхумно видео-излагање на фестивалскиот пријател и соработник, поранешниот заменик амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје, Ернесто Ередеро дел Кампо, насловено „Витгенштајн и филмот“.