
На Меѓународниот филмски фестивал од Нанси-Франција, кој годинава го славеше своето триесетто издание, премиерно беше прикажан првиот долгометражен филм на Георги М. Унковски, „Диџеј Ахмет“
Француската публика која со долги аплаузи го награди филмот, имаше можност на големиот екран поставен во дворот на Мануфактурата (поранешна фабрика за цигари, а сега културен центар) во Нанси, преку „Диџеј Ахмет“ да ги види прекрасните пејзажи од Македонија.
Некои од гостите на премиерата не го криеа нивното изненадување од содржината на филмот, обработената тематика, играта на актерите, фотографијата. Изненади се и од чистотата на турскиот јазик кој се зборува во филмот, што, според нив е потврда дека Македонија е земја на толеранција и културна разноликост која се почитува и за најмалите етнички групи кои живеат на нејзина територија.
Единствен недостаток беше отсуството на членовите на екипата на филмот, кои не можеа директно да одговараат на прашањата на гледачите, но нив ги замени претседателот на фестивалот и дописник на повеќе македонски медиуми од Франција – Тони Гламчевски, кој од 2013 година е претседател и главен селектор на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси.
Тој како прв човек на фестивалот, се обидува скоро секоја година да има барем еден македонски филм, краткометражен или долгометражен. Годинава тоа беше овозможено со директна помош од режисерот на „Диџеј Ахмет“, Георги М. Унковски и од француската дистрибуција на филмот КБО, која веќе го подготвува за прикажување во киносалите во Франција.
Покрај „Диџеј Ахмет“ на фестивалот во Нанси беше прикажан и црногорскиот филм „Живи и здрави“ на режисерот Иван Мариновиќ, кој е со македонска копродукција.
„Диџеј Ахмет“ е копродукција на „Синема Футура“ и „Сектор Филм“ од Македонија, „Алтер Вижн“, „Бекрум Продакшн“ и „Аналог Вижн“ ид Чешка, „365 Филмс“ (Грција) и „Баш челик“ (Србија). Меѓународната продажба на филмот ја врши „Филмс Бутик“.
Публиката на Фестивалот во Нанси, како што посочува Гламчевски, е навикната да гледа македонски филмски продукции, кои се редовно застапени на големиот екран. Така изминатата година беше претставен филмовите „До балчак“ и „Џипси меџик“ со награда од публиката на Столе Попов, а претходно беа прикажувани и филмовите „Пред дождот“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Панкот не е мртов“, „Незаборавена пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, „Годината на мајмунот“ на Владимир Блажевски, како и „Со љубов“ на Илија Цветковски.
„Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска прв пат беше прикажан во Франција на фестивалот во Нанси, како и „До балчак“ на Столе Попов, „Хомо“ на Игор Иванов Изи“ кој беше и член на жирито на фестивалот, како „Џган“ на Вардан Тозија.
Фестивалот е фокусиран на филмската продукција на земјите од Балканот: Македонија, Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а во рамките на фестивалот беше поместена и изложбата на „Фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна“ од авторот Роберт Јанкулоски.
Филмскиот фестивал во Нанси, веќе неколку години соработува со НУ Центар за култура-Битола во организирањето на „Малата школа на краткиот филм“, која годинава се очекува да се одржи по петти пат и Меѓународниот етнографски филмски фестивал – Илинденски денови, чие четврто издание е до 19 до 26 јули во Битола и на 27 јули на Зајдисонце во Трпејца.