Skip to main content

Глен Клоуз доби почесен Оскар за придонес во филмската уметност

Холивудската актерка Глен Клоуз, која осумпати беше номинирана за Оскар, но досега не освои натпреварувачка награда, доби почесна статуетка за придонесот во филмската уметност.


Филмската академија соопшти дека со почесен Оскар е награден и режисерот Ридли Скот, авторот на „Гладијатор“, „Осмиот патник“ и „Истребувач“. Меѓу годинашните добитници е и аниматорот Флојд Норман, додека продуцентките Кристин Вашон и Памела Кофлер ќе добијат признание за својата работа во независниот филм.

За Глен Клоуз, наградата доаѓа по повеќе од пет децении актерска кариера и над сто филмски улоги. Таа со години важи за една од најпочитуваните актерки во Холивуд што не освоиле Оскар во натпреварувачките категории.

Нејзината прва номинација пристигна за филмот „Светот според Гарп“. Потоа следуваа номинации и за „Големото заладување“, „Природен талент“, „Фатална привлечност“, „Опасни врски“, „Алберт Нобс“, „Сопругата“ и „Хилбили елегија“.

Според Асошиејтед прес, Клоуз и актерот Питер О’Тул го делат рекордот од по осум актерски номинации без натпреварувачка победа. Актерката, сепак, во кариерата има освоено други значајни признанија, меѓу кои награди „Еми“, „Тони“ и „Златен глобус“.