
Долгометражниот игран филм „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, во продукција на „Црна мачка продукција“ и Томи Салковски официјално е номиниран во категоријата Европско откритие – Награда ФИПРЕСЦИ (European Discovery – Prix FIPRESCI) за 39. издание на престижните Европски филмски награди (European Film Awards).
Оваа номинација доаѓа по светската премиера на Берлинале, триумфот на Ерусалимскиот филмски фестивал и Сараево филм фестивал, како и неодамнешната скопска премиера во рамки на Скопје филм фестивал.
Наградата во категоријата „Европско откритие“, која се доделува во соработка со Европската федерација на филмски критичари (FIPRESCI), ги афирмира најталентираните нови европски авторски гласови. Вклучувањето на „17“ во оваа ексклузивна селекција е огромно признание за авторскиот тим, но и пошироко – за целокупната македонска култура.
Како дел од трката за победничките признанија, во периодот што следува филмот ќе биде претставен преку специјални кино-проекции и презентации пред членовите на Европската филмска академија низ европските културни центри. Гласањето на членовите на Европската филмска академија ќе се одржи во период од 14 декември до 7 јануари 2027 година, додека свечената церемонија на доделување на 39. Европски филмски награди ќе се одржи на 16 јануари 2027 година во Атина, кога официјално ќе бидат соопштени победниците во сите категории.
Со оваа европска номинација и статусот на официјален македонски кандидат за наградата Оскар, филмот „17“ ја потврдува својата исклучителна уметничка вредност, истовремено служејќи како вистински амбасадор на новата генерација македонски авторки на меѓународната филмска сцена.

Македонски



