
Политичката комуникација е исклучително важна компонента во политичкиот живот на една држава како што е Македонија. Таа ја одразува зрелоста на општеството и нивото на политичката култура која што владее. Во политичката комуникација, зборовите имаат вредност. Тие не се само вообичаени клишеа изговорени за да се задоволат потребите на дневнополитичката комуникација, туку мост меѓу граѓаните и оние кои што ја практикуваат политиката. Политичката комуникација е умешност на пренесување на пораките, а нејзината цел е да се постигнат проектираните резултати на политиките.
За волја на вистината, во досегашната пракса постоеше задоволително ниво и култура на политичка комуникација во Македонија. Таа пракса ја разликуваше државата од соседството и регионот во кои постојано се продуцираат теми кои ја забавуваа и скандализираа тамошната јавност. Можеби класичниот начин на комуникација делува конзервативно и до некаде стерилно, но во секој случај е подобро кога во едно општество постојат сериозни луѓе кои се занимаваат со политика, а на другата страна просторот за забава и разонода на народот им е препуштен на оние кои што се професионалци во таа област. Лошо е кога политичарите се и глумци, забавувачи, инфлуенсери и сѐ останато кое што ги остава „без леб“ оние кои што се определиле за таквите професии.
За жал, кога комуникацијата ќе се сведе на содржини кои што се засноваат на лажни вести, претпоставки или пак на гола имагинација на партиските кујни, без притоа да има некаква поткрепа или аргументација, тогаш јавноста со право си го поставува прашањето, каква е оваа политичката комуникација?! Кои се нејзините цели и кон кој дел од граѓаните е насочена?
Ова се исклучително сериозни прашања кои се наметнуваат после најновиот пристап кој што се применува од страна на најголемата опозициона партија во Македонија, СДСМ. Ако до скоро, она што го слушавме од оваа партија имаше некаков логичен концепт, карактеристичен и препознатлив за една сериозна партија (независно од тоа дали се согласуваме со содржината или не), најновиот начин на комуникација со јавноста е сведен на досетки и демек ефектни кратки вербални конструкции, карактеристични за социјалните мрежи и виртуелниот свет. Она што го гледаме во последниот период од СДСМ, како и од најновата екипа на Филипче за комуникација со јавноста, е тоа дека јавноста се третира како конзумент на излитени и изживеани конструкции кои што се пласираат на социјалните мрежи.
СДСМ настапува според принципот, гласноста автоматски значи и релевантност. Честото повторување на една иста теза, спакувана во агресивно пакување и дополнета со фразата „јавноста има право да знае“, за СДСМ е начин на кој нивните политички конструкции треба да се претворат во „вистина“. За жал, во последниот период СДСМ целосно ја има прифатено ваквата формула и од неа направи официјална комуникациска стратегија.
Наместо политичка партија која што зад себе има сериозна историја, повеќеслојна структура и самопрогласена државотворност, СДСМ денес сè почесто комуницира во стилот на Левица. Соопштенијата не личат на став, туку на реплики. Не нудат никаква анализа, туку само обични досетки. Не поставуваат рамка, туку провоцираат емоција. Нудат критика за тоа како не треба, но не нудат предлог и решение за тоа како треба да се направат нештата.
Очигледна е фасцинацијата на младиот комуникациски тим на Филипче од начинот на општењето со јавноста кој што го применува Левица неколку години наназад. Очигледно е дека се работи за млад тим кој што според своите ставови и доживување на политиката концептуално е многу поблизок до концептот на Левица, отколку до потребата за одговорен пристап кој што треба да го практикува една сериозна политичка партија. Очигледно е и тоа дека сениорите во СДСМ се целосно потрошени, безидејни и свесно допуштаат ваквиот начин на комуникација да преовладува. Сениорите се свесни и за тоа дека гласачкото тело на СДСМ се наоѓа под влијание на гравитацијата на алтернативно-анархистичкиот пристап на Левица, од една страна, и сериозниот и конзервативен пристап на ЗНАМ, од друга страна, со што се доведени во состојба да се бранат од сите страни. Токму затоа, во моментов СДСМ личи на несериозна партија која нема јасно профилиран концепт на комуникација и нема јасно дефинирана политичка понуда.
За волја на вистината, јавноста сѐ уште ја смета СДСМ за голема партија, иако резултатите се повеќе и повеќе не одат во прилог на ваквата перцепција. Токму затоа и од тие причини, големите партии не смеат да зборуваат како мали, не затоа што се подобри или покретивни, туку затоа што носат институционална тежина и одговорност. Кога една партија како што е СДСМ, која што била власт и раководела со државата, комуницира на начинот за кој што зборуваме, тоа не е сериозен и промислен пристап, туку класична несигурност, талкање и потрага по концепт кој ќе „упали“ кај граѓаните.
И тука доаѓаме до суштината, инфантилноста. Дефиниција на функционирањето на најновата екипа на СДСМ. Не како навреда, туку како опис. Инфантилната комуникација е онаа што ја потценува интелигенцијата на јавноста. Онаа што мисли дека граѓаните ќе реагираат на истите неколку креации и фрази без разлика колку пати се повторуваат. Инфантилноста е онаа што верува дека сарказмот може да ја замени политиката, а алузијата да го замени аргументот.
Во соопштенијата на СДСМ речиси целосно исчезнаа бројките, контекстот, споредбите и јасните предлози. Не можеме повеќе да слушнеме нешто од типот „ова не чини, затоа што вака чини“, туку само „ова е скандал“. СДСМ повеќе не нудени решенија од типот „ова би го направиле на овој начин“, туку „јавноста не смее да биде замајувана“.
Таквиот речник можеби има ефект во редовите на тесните партиски структури, но во никој случај не може да влијае кај неутралната јавност која својата политичка определба ја гради врз сериозна понуда и дефинирани политички ставови.
Врз основа на сето ова, можеме слободно да кажеме дека со примената на ваквиот стил на комуникација, СДСМ не само што не добива нови гласачи, туку ги оттурнува досегашните сопствени подржувачи. Луѓето кои очекуваат зрел, државнички тон, добиваат партиски досетки, а граѓаните кои што бараат алтернатива, добиваат имитација на веќе постоечки стил на комуникација. А оригиналот, колку и да е радикален, секогаш подобро се продава од копијата.
На крајот, не е главното прашање дали ваквиот стил ќе донесе некој краткорочен ефект. Можеби ќе донесе, можеби не. Главното прашање на кое треба самата СДСМ да си одговори е што после тоа?! Што ќе остане откако инфантилниот пристап во комуникацијата со јавноста ќе го достигне својот зенит и ќе премине во апсурд?
Нема да остане ништо! Ќе сведочиме на напуштање на концептот и барање на нови инстант формули и решенија за привлекување на симпатиите и довербата на јавноста. За жал, СДСМ никако не сака да сфати дека довербата и симпатиите не се добиваат со досетки и инстант решенија, туку со јасни, конзистентни и препознатливи политики кои го артикулираат интересот на македонските граѓани.

Македонски






