Skip to main content

Владините потези – штит од ценовните шокови

Во време на глобални економски потреси, малите економии најчесто интензивно ги чувствуваат последиците од таквите потреси. Македонија, со својата зависност од увоз на енергенси и ограничени домашни ресурси, не може да биде исклучок. Во услови на продлабочена нафтена криза и континуирано зголемување на цените на бензините, прашањето за управување со состојбите во државата и секојдневниот живот на граѓаните станува сè поактуелно.

Во таква ситуација беше сосема разбирливо да се очекува потег на владата кој ќе оди во правец на пресретнување на ценовните шокови кои што започнаа со покачувањето на цената на горивата. Владината одлука за намалување на данокот на додадена вредност претставува проактивен чекор во правец на пресретнување на негативните ефекти кои што со себе ги носи поскапувањето на енергенсите.

Нема да биде изненадување доколку цените на горивата предизвикаат домино ефект на сите останати продукти и услуги доколку продолжи војната на Блискиот исток. Од тие причини, одлуката за намалувањето на ДДВ на горивата е добредојдена и покажува дека македонската влада води внимателна и активна политика која ги следи состојбите и штити интересите на граѓаните.

Војната на Блискиот исток, иако според непосредните учесници беше планирана како кратка интервенција која ќе придонесе за смена на иранскиот режим, добива компонента на непредвидливост и нејасна временска димензија во која истата ќе заврши. Таква беше ситуацијата и со војната во Украина, дефинирана како специјална воена операција која ќе заврши за три дена, а која трае веќе над четири години.

Затоа се поставува прашањето, какви дополнителни предизвици не очекуваат во случај на долготрајна војна на Блискиот исток? Какви дополнителни мерки ја очекуваат владата и државата со цел да се задржи стабилноста и предвидливоста на процесите? Овде во прв план се мисли на економските предизвици, затоа што ако дојде до безбедносни проблеми, тоа ќе биде сосема друг муабет на темава.

Различни европски земји на различен начин се справуваат со ценовниот удар што ги зафати енергенсите. На пример Австрија има слична мерка како Македонија преку привременото намалување на давачките за горивата.

Во Унгарија и Хрватска воведено е ценовно ограничување на бензините, како и користење на државните резерви. Германија исто така се движи во правец на ослободување на стратешките резерви и особено во правец на помош на индустријата. Словенија се определи за ограничување на 50 литри по граѓанин на количината на гориво кое што може да се купи. Ова претставува најрестриктивна мерка во Европа и доказ дека таму кризата е длабоко влезена.

Сето ова се примери за амортизирање на ефектите од предизвиканата нафтена криза, но во секој случај тоа ќе бидат само времени решенија кои ќе варираат од држава до држава. Секое дополнително пролонгирање на иранската војна ќе отвора нови и нови проблеми кои ќе наметнуваат потреба од нови мерки.

Со оглед на неизвесноста и непредвидливоста на кризата, работата од дома се наметнува како потенцијално решение кое не само што може да ги ублажи економските удари врз граѓаните, туку и да отвори простор за пошироки структурни промени во општеството. Тоа можеби е една од најбезболните мерки кои суштински нема да влијаат на „вкупниот материјален биланс“ во делот на продуктивноста, но во голема мера може да помогне во делот на заштедата.

Се разбира дека оваа мерка може да се однесува само на оние области и гранки кои можат да ја реализираат сопствената работна активност на таков начин. Искуството стекнато во КОВИД кризата може да биде исклучително корисно при димензионирање и моделирање на споменатата мерка.

Впрочем, и Меѓународната агенција за енергија (IAE), во која членуваат највлијателните земји од ЕУ, заедно со САД, Британија, Јапонија, Кореа, Австралија, Турција и др., препорача мерка за работа од дома како еден од начините за справување со енергетската криза. Оваа препорака треба активно и со внимание да се разгледа и од македонската влада со цел да се применат сите можни решенија кои ќе ги ублажат последиците од кризата.

Да замислиме сценарио во кое цената на бензинот достигнува ниво кое за просечно македонско домаќинство претставува сериозен месечен товар. Во урбаните центри, како Скопје, гужвите и метежите значително ќе намалуваат,. На овој начин особено ќе се намали бесполезното трошење на бензин со стоење во место. Ако се направи пресметка за тоа колку гориво се троши од сите возила заедно, кои се заглавени во сообраќајните шпицови, веројатно ќе се дојде до огромна бројка на литри и евра кои исчезнуваат во воздухот за само петнаесетина минути заглавени во сообраќајниот метеж.

Во вакви околности, работата од дома неминовно ќе престане да биде привилегија само на одредени професии, туку по логика на нештата ќе стане тема на национална дебата.

Приватните компании, притиснати од зголемените оперативни трошоци, веројатно нема да бидат поштедени од размислувањето за алтернативни модели на работа. Државата пак ќе се соочи со потребата да креира дополнителни политики кои ќе овозможат поголема флексибилност, но и заштита на работничкиот стандард во новите услови.

Една од најочигледните придобивки од работата од дома е намалувањето на трошоците за транспорт. За многу семејства во Македонија ова не е занемарлива ставка. Со цените на горивата кои постојано растат, месечниот буџет ќе се пренасочува кон основните потреби, а трошоците за превоз неминовно ќе се претворат во луксуз. Работата од дома ќе овозможи директно намалување на овие трошоци, што може да значи одредено запирање на падот на животниот стандард или барем полесно справување со економскиот притисок.

Покрај финансискиот аспект, тука е и времето. Просечниот работник во Скопје поминува значителен дел од денот во сообраќај. Ова време, кое често е изгубено во метеж, може да се искористи за продуктивни активности или за личен одмор. Во услови на работа од дома, границата помеѓу приватниот и професионалниот живот може да стане пофлексибилна, што за многумина ќе претставува значајна компензација на вкупните ефекти од кризата.

Иако сега екологијата паѓа во втор план, особено кога гледаме какви уништувања се случуваат на нафтените постројки, еколошката димензија на работењето од дома не треба да се занемари на микроклиматски план. Македонија со години се соочува со сериозни проблеми со загадувањето на воздухот. Намалувањето на бројот на возила на улиците би имало директен ефект врз квалитетот на воздухот. Иако ова не е единствениот фактор за загадувањето, сепак претставува значаен чекор кон подобрување на животната средина.

Сепак, позитивната слика нема да биде целосна без да се разгледаат и негативните аспекти. Првиот и можеби најголем предизвик е нееднаквоста помеѓу различните сектори.

Додека ИТ индустријата, маркетингот, дел од администрацијата и образованието можат релативно лесно да се префрлат на работа од далечина, постојат цели индустрии кои не можат да функционираат без физичко присуство. Производствените капацитети, здравството, трговијата, угостителството, сите тие зависат од директен контакт и физичка работа.

Ова може да создаде поделба во општеството, односно едните би добиле флексибилност и заштеда, додека другите директно ќе се соочат со сите ефекти кои што ги носи нафтената криза. Токму во овој дел Владата ќе има сериозна и повеќеслојна задача да ги избалансира ефектите кои ќе имаат влијание врз различни групи на граѓани. Конечно, владата има улога и како за пример. Со воведување на флексибилни модели на работа во јавната администрација, таа може да испрати јасен сигнал и да поттикне поширока општествена промена.

Сепак, важно е да се нагласи и тоа дека работата од дома не е универзално решение. Таа е дел од поширок мозаик на мерки кои треба да се разгледаат во контекст на економската и социјалната реалност на Македонија. Комбинираните модели, каде што работниците дел од работната недела ја поминуваат дома, а дел во канцеларија, можеби ќе се покажат и како најодржливо решение. Такви модели веќе постојат во Европа, далеку порано пред да започне војната во Иран.

Во крајна линија, прашањето не е дали Македонија ќе се прилагоди на новите услови, туку колку брзо и колку успешно ќе го направи тоа. Работата од дома, предизвикана од нафтената криза, може да биде почеток на една поширока трансформација која ќе оди кон економија која е пофлексибилна, поотпорна и помалку зависна од надворешни шокови.

Оваа трансформација нема да биде лесна, ниту пак безболна. Но, како и секоја криза, и оваа носи можност за преиспитување на постојните модели на функционирање, за иновации и за градење на поодржлива иднина. Финалното прашање е, дали ќе ја искористиме проактивно или ќе допуштиме да бидеме приморани на реактивни потези?

Поврзани вести