Skip to main content

Улогата на дипломатијата

Стереотипот е дека дипломатијата е синоним за надворешната политика на земјите, и тоа не е спорно. Во целина, меѓутоа, таа е нешто многу пошироко – канал за комуникација со светот. Таа нејзина функција е помалку позната и, во принцип, малку се користи. Не само кај нас.

Така е бидејќи државните администрации не се доволно професионални и не ги користат сите можности. Во општествениот развој, секоја земја се соочува со бројни проблеми, а искуства – никогаш доволно. Токму дипломатските канали овозможуваат користење на туѓи сознанија и достигнувања. Топлата вода, не треба да се открива.

Кога некоја наша институција се соочува со некаков сериозен проблем, дилема…, може да побара помош од Дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП). Со циркуларна нота, МНР го објаснува нашиот предизвик и од дипломатите, во разни земји, бара информации за тамошните искуства, пракси, решенија…Зошто да не се бараат и совети или дури и предлози како да постапиме? Според третираното прашање, нотата се испраќа до одбрани ДКП.

Во конкретни ситуации, од некоја земја може да се побара и нивни експерт да дојде кај нас, или наш да оди кај нив. Паметниот прашува, нели?

Еве и конкретен пример. Факт е дека земјоделството е наша компаративна предност, а се соочува со бројни проблеми и често се вртиме во круг и – назадуваме. Познато е дека Холандија има светски дострели на тој план и е втор најголем извозник на домати во светот! Ние, место извозник, иако има(в)ме највкусни домати, сега сме – увозник. Треба да се развива најширока конкретна соработка со Хаг на овој план, што може да ни биде од огромна помош, и начин како да напредуваме, ем да се консултираат за одредени прашања.

Преку нашите ДКП, светот го имаме на дланка, ама не го користиме. Оваа пракса, којашто не им е позната на нашите институции, може да биде исклучително корисна. Проблемот е во координацијата меѓу институциите. Решение можат да бидат редовни состаноци на државните секретари од министерствата, иницирани од нивниот колега во МНР, сега и за надворешна трговија. На нив, би се разгледувале можностите како да им се помогне, преку мрежата на ДКП, во соочувањето со нивните предизвици, за исполнување на плановите и аспирациите… Тоа би било корисно за сите.

Нашите дипломати треба и самоиницијативно да покренуваат вакви иницијативи. Со следењето на настаните во земјата на акредитација, тие се запознаваат со нивните проблеми коишто, сигурно, по многу што се слични со нашите. Таму има дебати, анализи, предлози околу нив, од коишто произлегуваат и решенија или излезни комбинации. Имаат и достигнувања, коишто исто така можат да бидат корисни за нас. Дипломатите треба да информираат за тоа.

Тоа не треба да биде во форма на класична телеграма туку како белешка, која би се праќала со електронска пошта. Тоа може да се проследува и директно до нашата институција, која се соочува со ист или сличен проблем, со копија до МНР. Ова претпоставува дека дипломатите во ДКП мораат детално да ги следат и настаните во сопствената земја, за да можат да реагираат во случаи каде постои корисно странско искуство. Тоа е креативна дипломатија.

Работата на МНР треба постојано да се подобрува, и да се шири. Ова исклучително важно министерство мора да си обезбеди соодветно место во државната хиерархија. Добро е што е сега и за надворешна трговија бидејќи, да се надеваме набргу, економските прашања ќе бидат клучна задача. Засега, меѓутоа, додека се мачиме со ЕУ интеграциите, и додека сме присилени да докажуваме дека сме тоа што сме, дипломатијата ќе мора да се концентрира пред се’ на одбрана на идентитетот на народот и членство во Унијата.

Дипломатијата е еден од најстарите занаети. Тој не се учи преку ноќ и клучно е искуството. Професионална дипломатија се гради долги години. Во дел од државите, целокупната дипломатска мрежа е професионална и нема надворешни – „квази дипломати“. Кај нас, сепак, треба да има комбинација.

Во целина, дипломатијата е привилегија на богатите и моќните. Тие можат да си дозволат бројна дипломатија, со големи амбиции, задачи, планови и аспирации. По правило, тие имаат и (нај)долги дипломатски традиции. Добар пример е Турција. Или, сегашната британска монархија која е речиси илјада години на тронот!

Слободно може да се оцени дека малите и сиромашни држави, како нашата, се само статисти на светската дипломатска сцена. Во американската Амбасада во Лондон, на пример, сигурно има повеќе вработени отколку во нашето МНР, сега и за надворешна трговија

Иако ние, како и сличните држави, пред се’ сме дел од дипломатскиот декор, тоа не треба да ги намалува нашите напори да обезбедиме поволни услови за нашата земја на меѓународен план. Во споредба со богатите и моќните, и нашите потреби се скромни. Нашиот интерес се сведува на градење на добри политички, економски, културни, образовни, спортски… врски, на најширок план и, нагласено, на – забрзан економски развој. Полето за работа е големо, а колку ќе постигнеме зависи од нас самите. Секогаш е клучен квалитетот на избраните дипломати.

Иако поминаа преку 30 години од независноста, не можеме да се пофалиме со квалитетна дипломатска служба. Во текот на последните седум години (2016 – 2024), за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, и дипломатијата беше крајно девалвирана. Потпишани се катастрофални договори и други документи со соседите, наметнати од странство. Спроведена е поразителна Тиранска платформа, чие име кажува се’. Со години немаме амбасадори во бројни држави, вклучувајќи и во најважните. Во Вашингтон, на пример, имаме само амбасадор и уште еден дипломат… Тоа се случува во период кога речиси се’ ни зависи од американските политики. Да отворевме таму туристичка агенција, сигурно ќе имаше повеќе извршители.

Во земји како Македонија, каде нема подолга дипломатска традиција, а дипломатите, често, се регрутираат по партиска линија или според систем на непотизам, не може да се очекува висок дострел на овој план. Така е бидејќи оваа служба, во споредба со речиси сите други професии – бара лица со супериорни карактеристики. Потребни се широки познавања од разни области, плус одлично користење барем на еден светски јазик. Дипломатите во светот, по правило, течно зборуваат по неколку јазици. Мнозина и кај нас доаѓаат со познавање и на македонскиот јазик. А ние? Има случаи кога во Виена испраќавме дипломати со знаење на англиски јазик!

Покрај тоа што нашиот дипломат мора да биде максимално комуникативен и информиран, многу е важно да биде и – нагласено вреден! Се разбира, ако сака да биде рамен на колегите од развиените држави! Додека тие секојдневно ги добиваат сите потребни информации и анализи од нивната централа (МНР), ние не добиваме речиси ништо! Затоа, секој мора многу да чита – низ медиумите, книги и што ти не друго, да истражува…, за да биде рамен на соговорниците. Да следи повеќе теми за земјата каде е акредитиран, ама и за својата.

Тоа е клучно бидејќи до најважните и најкорисни информации, дипломатите доаѓаат прво низ медиумите, а потоа во разговорите како со претставниците на земјата домаќин, така и со другите дипломати, коишто ги следат истите работи. А сите тие ќе те сметаат за партнер и соговорник, само ако ги разбираш работите, ако ги анализираш на оригинален начин и ако имаш факти и аргументи коишто тие ги немаат. А до нив можеш да дојдеш само со голема посветеност во работата.

Главните предизвици за Македонија остануваат на планот на дипломатијата и затоа државата мора да овозможи оптимални услови за нејзино функционирање. Во Брисел, на пример, треба да имаме десетици дипломати, коишто ќе се специјализираат во разни сегменти од функционирањето на Унијата. На тој начин, од бројните фондови и програми на Унијата, тие сигурно ќе успеваат да обезбедат макар по неколку стотици илјади евра додатна годишна помош, со што нивното ангажирање нема да ни биде никаков трошок. А ново создадените експерти ќе бидат нашата клучна придобивка.

Поврзани вести