
Албанија има направено камп за мигранти вратени од Италија со капацитет од 35.000 души. Досега, и покрај најдобрите напори на Еди Рама, таму се сместени одвај 100 души.
Проблемот не е во Рама – тој е свесен дека, како најверниот војник на Џорџ Сорос на Балканот, се соочува со многу непријатна гарнитура во САД (па и во Италија) и затоа е спремен да направи се што ќе му кажат за политички да преживее. Проблемот е во Италија, каде судскиот систем (како и во Британија, и во САД) е воспоставен така да е скоро невозможно да се депортира барател на азил. Токму вчера Врховниот суд на САД, каде 6 од 9-те судии се именувани од Трамп, гласаше 7-2 против Трамп по прашањето дали има право да депортира членови на нарко картели во затворот/кампот во Ел Салвадор. Трамп досега успеа да депортира само 270 души во Ел Салвадор, и покрај апсолутната соработка со претседателот Букеле.
Во Италија отпорот од судството е уште пострашен. Тоа се кадри именувани во времето на целосна доминација со државата на либерално-левичарските шарени типови како Матео Ренци. Кога државата, која е прва на удар на мигрантите од Африка, конечно ја изгласа партијата на Салвини на власт, се случи обвинителството да го гони како киднапер (?!) затоа што во 2019 година, во својство на министер за внатрешни работи, не сакаше да им дозволи на 150 мигранти кои стигнаа до Италија да се симнат од бродот. Значи, според италијанското судство, логиката е дека ако некој мигрант тргнал со брод од Африка, тој е веќе нивен штитеник и никако не смее да се врати. Поради овој судски процес, кој се уште му виси над глава, Салвини никогаш не стана премиер.
Нешто слично сега и се случува на Мелони. Таа во Рама има балкански премиер кој буквално ја дочекува на колена и кој веќе отвори камп со капацитет за десетици илјади луѓе, а Италија досега успеала да му прати одвај 140 души. Ќе му прати 20, судот во Италија ќе процени за 5-10 од нив дека сепак имале право на азил или дека е потребно подолго време да се разгледа нивното барање, и Рама ќе ги врати. Ќе му прати седум, за ден-два судот и ги враќа. И тоа трае со месеци, а кампот на Рама зјае празен.
Реакциите на судството во Британија ќе бидат многукратно посилни отколку реакциите во САД и во Италија. Во Британија на власт е левичарски премиер чија партија е посветена на идејата на отворени граници. Потребата за свежа крв во Британија е толку силна што во изминатите деценија и кусур владеење на десничарите, под Камерон и Борис Џонсон, мигрантскиот бран не запираше, иако конзервативците ветуваа дека ќе ги запрат бродчињата и ќе ги депортираат непожелните (меѓу другото со најава дека ќе отворат кампови за мигранти во Руанда, кои никогаш не се отворија – повторно поради заканата од Врховниот Суд на Британија дека нема шанси да дозволи депортирање на било кого таму, а со дополнителни такви закани и од Европскиот Суд за Човекови Права). На крај конзервативците донесоа Индиец за премиер, десните гласачи масовно се свртеа кон Најџел Фараж и Реформската Партија, левичарите на Стармер дојдоа на власт, а конзервативците за лидерка на партијата избраа жена по потекло од Нигерија.
Партијата на Стармер веќе е целосно трансформирана во движење на урбаните млади Британци и на мигрантите, и ги губи допирните точки со старата британска работничка класа. Дел од нив уште гласаат за лабуристите од носталгија, но Стармер имаше многу лош резултат на делумните избори кои се одржаа неодамна, при што стана јасно дека силните резултати на Фараж во анкетите може да се пресликаат и на терен. Реформистите на Фараж освоија едно пратеничко место и многу општински места, а лабуристите на Стармер во многу изборни места не беа ни трета опција, по што Стармер се сети и од неделава за првпат почна да ветува дека ќе ја ограничи миграцијата. Но, во голем дел од тврдокорните левичарски медиуми, Стармер се соочува со силни напади поради ова негово заострување на реториката кон мигрантите. Во едно свое обраќање Стармер рече дека доколку мигрантите не научат англиски, земјата ризикува да се претвори во „остров на туѓинци“. Поради ова, медиуми кои традиционално ставаат рака во оган за лабуристите, го обвинуваат Стармер дека се претворил во Инок Пауел – стариот десничарски политичар чии предвидувања дека миграцијата во Британија ќе заврши со „реки крв по улиците“ се користи како средство за стигматизирање на секој политичар кој ќе побара затворање на границите.
https://news.sky.com/story/who-pm-was-really-trying-to-echo-with-island-of-strangers-speech-13367327
Шансите дека Стармер ќе добие гласови од старото работничко јадро на лабуристите, кои сега масовно гласаат за десните политички опции, затоа што одржал еден говор се смешни – со својата новооткриена остра реторика кон мигрантите Стармер попрво ќе губи гласови од урбаната левица и од веќе легализираните мигранти, и ќе го забрза процесот на создавање на целосно мигрантски политички партии. Побогу, зборуваме за политичка опција која уапси стотици Британци поради коментари напишани на социјалните мрежи откако мигрант од Руанда уби три девојчиња во Саутпорт! Со месеци истрагата ја маткаше јавноста околу јасниот мотив на убиецот (исламски радикализам) и ги обвинуваше Фараж и Ендрју Тејт дека ширеле лажни вести за убиецот, кого во медиумите упорно го опишуваа како „Велшанец“ (затоа што неговите родители од Руанда се доселиле во Велс).
Лабуристите на Стармер се партијата на на нас добро познатиот Денис Мекшејн, кој призна дека молчел за масовното сексуално малтретирање на малолетни британски девојчиња во неговиот град Ротерхам од страна на пакистански доселеници за да не ги влоши меѓуетничките односи.
Што може да значи сето ова за Македонија? Земјата која во 2015-2016та година транспортираше меѓу еден и пол и два милиони мигранти на нивниот пат кон Германија, при што ни останаа дали десет души. По што, со поддршка на нашите десни политички сојузници во Унгарија, Австрија и Словачка, ја затворивме границата и ставивме крај на мигрантската криза – и покрај драматичните апели и закани од левите соросоидни кругови дома и во странство.
По формирањето на режимот на Заев, видовме обиди со законски измени Македонија да се претвори во потенцијална база за мигранти – под раководство на крајно лево ориентираната министерка за труд, се бараа начини да им се овозможи на мигрантите да работат во Македонија, да добијат пристап до јавното школство и здравство, па дури и парична помош додека се чека на одлуката за азил – сето тоа додека чекаат Германија повторно да ги отвори границите. Се разбира дека прогонуваната десна опозиција во тоа време мораше да посочи на фактот дека Македонија ја води режим кој, меѓу другото, има крајно екстремни ставови по прашањето на мигрантите, е поврзан со (инсталиран од) радикални лево-либерални кругови во странство и дека носи мерки кои може да предизвикаат сериозни последици. Да се воведеа овие системи за поддршка, можеби ќе видевме и одреден број од мигрантите да останат во Македонија. Но се што видовме досега се повремени вести за бркотници со полицијата кај Гевгелија или Табановце, додека тие несреќни луѓе се обидуваат да стигнат до ветената Германија.
Притоа, на сите ни стана јасно дека, како и левите политички опции во Европа, левата опција кај нас се претвора во движење на урбаните анационални граѓани на мнозинската заедница и на мигрантите, односно, во нашиот случај, малцинските заедници. Од нивна гледна точка, натамошна демографска трансформација на земјата кон етничка поделеност, фрагментација, балканизација, е добра, бидејќи значи повеќе гласачи за нив. Од гледна точка на десните политички опции во Европа и кај нас, овие процеси не се добри, бидејќи нивното гласачко тело е пред се во мнозинството од мнозинскиот народ кое се уште не ја прифатило либерално-левата приказна дека сме дел од глобално село, без свој идентитет и историја.
Затоа, можно е Британците (и Американците и Италијанците и Германците..) да побараат нешто. Малку е веројатно левата политичка опција во Британија да испостави барање и да го преживее тоа на домашен терен. Уште помалку е веројатно судството во Британија да и дозволи на власта навистина да депортира некого. Можно е држава водена од некој како Рама да прифати такво барање. Многу малку веројатно е држава со суверенистички определена влада, која со сите сили се труди да ги поништи отстапките по националните интереси кои беа направени во мандатот на СДСМ, да прифати некаква нова шема која би била погубна по тие интереси.
Секако, врвен интерес за Македонија е десната, национално свесната опција да биде примена и етаблирана во Вашингтон, Лондон, Берлин и Брисел – поддршката која овие центри досега главно и ја даваа на либералната левица во Македонија многу скапо не чинеше. И затоа најавите кои доаѓаат деновиве се одлична вест за Македонија, која мора да стекне сериозни пријатели во меѓународната заедница, за да може да ги застапува своите интереси. И затоа и сме сведоци на оваа хистерична реакција од луѓе кои до вчера, да им кажеше Сорос, дома ќе примаа мигранти директно од воз. Во 3-4 месеци им се случи првин САД да почнат сериозно пресметување со нивната политичка опција и сечење на пипалата пуштени низ целиот свет. Потоа Германија изгласа умерено-десна опција која за првпат по долго време покажува амбиции и во надворешната политика – а не како во времето на Меркел секторот дипломатија да го држат некакви Ротовци. Сега и Британија да упати силен позитивен сигнал кон македонската влада, за изградба на еден сериозен стратегиски инфраструктурен објект, и за долгорочна поддршка на развојот на Македонија. И затоа, разбирливо е дека многумина, кои очекуваа помош од надвор, и за кои тоа е единствениот начин некако да се дограбат до власт, деновиве се нервозни.