Skip to main content

Пресек на една политичка година

Ретки се оние години кога во Македонија не се случуваат некакви избори. Години во кои власта непречено се посветува на спроведување на програмските политики, а опозицијата се фокусира на сопствената консолидација. Години во кои граѓаните ќе имаат доволно време и простор да се посветат на самите себе, но и од соодветна дистанца да ги набљудуваат и учествуваат во општествените и политичките процеси.

Веќе влеговме во петтиот месец од 2025-та од која имавме и имаме многу очекувања. Некои од нив се реални, некои амбициозни, а некои можеби преамбициозни и нереални. Како за кого. Како кој се подготвил, ги поставил работите на соодветна основа и соодветно се движи низ зацртаните планови.

Разбирливо е со тек на време да се прават пресеци на остварените резултати. Дали се тоа квартални, полугодишни или годишни, редот на нештата налага да застанеме за момент, да повлечеме црта и да ја направиме сметката. Како и за многу други нешта во секојдневниот живот, така и за политичкиот потребно е да се направи пресек на работењето на една влада, една власт или опозиција, независно од тоа дали се работи за пократок или подолг период од нечие работење. Впрочем, на осми мај се навршува една година од минатогодишните парламентарни и претседателски избори, па затоа не би било на одмет да се кажат неколку збора за состојбите на македонската политичка сцена, особено ако се има во предвид фактот дека набргу не очекуваат локалните избори, кои дополнително ќе го привлечат и преокупираат нашето внимание.

Но, ниту една политичка сцена на нацинално ниво не претставува изолиран систем кој е независен од геополитичките токови и случувања. Македонија отсекогаш била афектирана од геополитичките движења, што е сосема доволна причина случувањата внатре во државава да ги погледнеме и во контекст на случувањата во Европа и светот.

Македонската политичка сцена и македонската влада во моментов функционираат во една крајно видоизмената политичка состојба во светот, од независноста до денес. До пред само неколку месеци се знаеше што е запад, што е исток, кои се западните партнери и кои се меѓународните организации кон кои се стремиме. Се знаеше какви критериуми треба да исполнуваме во однос на ЕУ, а какви во однос на соседите. Македонската политика некако функционираше, според некој сопствен и специфичен возен ред обременет со контраверзностите и блокадите со кои се соочувавме. И тоа траеше така, во континуитет низ целиот период од нашата државност и независност, при што таквиот начин на егзистирање се претвори во еден вид на комфорна зона во која се навикнавме и прилагодивме да функционираме.

Во моментов работите се сосема сменети. Со победата на Доналд Трамп, која што по се изгледа дека беше нужност и општествена закономерност, западот веќе не е онаков запад кон кој бевме економски и политички прилагодени. Таму веќе се случуваат промени, несогласувања па дури и сериозни судири. Ако минатата година на ваквите тенденции гледавме како на „семеен“ конфликт во најава, од денешна перспектива термините „семеен“ и „најава“ стануваат дискутабилни, при што единствено нешто кое што го гледаме во односите на западните партнери е нивниот конфликт.

Токму во таков историски момент функционира актуелната македонска влада, која има исклучително сложена и сериозна задача да ја пронајде најдобрата навигација за понатамошното движење на државата. Веќе имаше конкретни случувања кога за сериозни политички прашања на светско ниво Македонија беше ставена во состојба да одбира страна. Одбиравме страна меѓу спротивставените САД, како стратешки партнер на земјава и ЕУ како клуб кон кој се стремиме и никако да бидеме примени. Ако некој смета дека ваквите политички моменти беа секојдневие за македонската политика и дипломатија од осамостојувањето па се до денес, дебело се лаже и има недостаток на познавања во оваа област. Не е мала веројатноста дека постои и политички интерес и тенденција да се фрла прашина во очи за да го замати погледот на реалната слика.

Историски гледано, македонската држава и една македонска влада за прв пат се соочуваат со фактот дека постои разидување меѓу западните партнери, со кои во континуитет ги градевме нашите економски и политички односи. Тоа е доволна причина при правење на пресекот за функционирањето на актуелната влада и власт, меѓународниот геополитички контекст да го земаме со зголемена доза на внимание и соодветно да го калкулираме неговото влијание во внатрешните состојби на државата. Тоа е доволна причина оваа влада да ја перцепираме како првата македонска влада која има обврска да го најде вистинскиот баланс и правец за државата, во услови на дебалансирани односи меѓу западните партнери.
Впрочем, лесно е да се движиш по прав пат. Вистинскиот предизвик се случува кога ќе се најдеме на крстопат и треба да одлучиме дали треба да свртиме лево, десно или да продолжиме во истата насока. Токму тука треба да ја лоцираме една од задачите на македонската влада во периодот кој што следи и да ја поддржиме во нејзините намери да го заштити и артикулира македонскиот национален интерес со геополитичките движења и промени.

Во однос на политичките случувања внатре во државата во последниве дванаесет месеци, може да кажеме дека нема некои посериозни поместувања кои значително би го промениле амбиентот и односот на силите изразен на последните парламентарни и претседателски избори. Дури имаме ефект кој што покажува дека постои уште поголемо зголемување на разликата на гласови во полза на актуелната власт. Ова треба да претставува особено загрижувачки податок за опозицијата, конкретно за СДСМ. Во оваа партија, иако дојде до промена на претседателското место, наместо раст се забележува понатамошен пад во рејтингот и поддршката која што ја уживаат кај македонските граѓани.

Тоа јасно говори дека таму нешто „не штима“ и дека сите промени кои што се направени имаат козметички карактер. Генезата на ваквите промени потекнува уште од времето на Зоран Заев и влече континуитет преку Ковачевски се до Венко Филипче. Ова не е констатација која потекнува од ставот на партиските челници на ВМРО и провладините аналитичари, туку истото е изворно препознаено од граѓаните и како такво самото по себе се наметнува како заклучок и јавно мнение.
ДУИ останува во сивата зона на политиката при што чека некаква дестабилизација во владата без да покренува некакви внатрепартиски процеси за спроведување на реформи или промени во партијата. Игра исклучиво на картата на етничкиот клуч, кој неформално се применува во формирањето на македонските влади, чекајќи ја својата шанса буквално од заседа. Оваа партија воопшто не покажува сигнали дека вложува напор со цел да испорача квалитетна политичка понуда која што ќе биде препознаена, како од етничките Албанци, така и од останатите.

Може да се каже дека на ДУИ во прилог му одат најновите турбуленции во рамки на владејачката ВРЕДИ, која деновиве е ставена на сериозен испит. Минатата година коалицијата ВРЕДИ покажа исклучително голема политичка зрелост, лидерство и силен коалиционен капацитет кој беше препознаен и соодветно валоризиран на минатогодишните парламентарни избори. Нејзиното скоро едногодишно учество во владата демонстрираше сериозна посветеност во исполнувањето на владината програма и политики, кое што е јасно препознаено од страна на сите гласачи. Можеби за прв пат во Македонија имаме коалициона влада составена од партнери кои со огромна доза на легитимитет ги претставуваат сопствените гласачи. За прв пат егзистира влада без притоа да се има чувство кај гласачите дека албанскиот партнер или не поседува доволен легитимитет или неговото учество во владата е резултат на изнуда и уцена.

Овие констатации и заклучоци претставуваат обврска, па и на некој начин терет за челниците на партиите кои што ја прават коалицијата ВРЕДИ. Тие имаат одговорност и задача да не ја заборават минтогодишната појдовна точка од која што тргнаа во поход да го сменат ДУИ после дваесет години владеење. Таа појдовна точка беше точката која што самите гласачи на оваа коалиција ја поставија и како таква претставуваше темелна политичка вредност за нивното понатамошно делување.

Обидите на Таравари да обезбеди што е можно подобра стартна позиција во пресрет на локаните избори може да се доживеат како легитимен политички маневар, но тој маневар во никој случај не смее да ги наруши односите во коалицијата ВРЕДИ, а уште помалку во владата. Историјата на дејствувањето на ДПА и нејзините сукцесори укажува на тоа дека, скоро во секоја од македонските влади предводени од ВМРО, оваа политичка структура на албанците покажуваше сериозна доза на нестабилност, која што во голема мера влијаеше на одлуките на поголемиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Историјата покажа дека секоја од споменатите нестабилности и политички неконзистентности на крајот од денот највеќе ја погаѓа токму ДПА и структурите кои влечат корен од неа. Таравари како наследник на оваа структура, треба три пати да размисли какви политички потези ќе влече во наредниот период затоа што во политиката не може и не смее да се очекува функционирањето на стриктните математички закономерности. Тука два плус два можат да испаднат еден, а со тек на време да се претворат во нула.

Во однос на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, не би оделе во длабоки анализи затоа што ќе треба двојно поголем простор кој што ќе го оптерети текстов. Таа е обврзана да управува со сите погоре споменати компоненти кои влијаат на македонската политичка сцена паралено со најголемата обврска која што ја доби на минатите избори, а тоа е буквално да го регенерира целиот општествен систем. Резултатите од мерењата на јавното мнение говорат дека оваа партија ужива сериозна доверба и добива дополнителен кредит и поддршка за продолжување на започнатите политики.

Реформите на системот и борбата против корупцијата и криминалот се препознаени како приоритетни области на делување, како од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, така и од граѓаните. Овие области мора да останат во фокусот на владиното делување и само со санирање на причините на ваквите општествени аномалии може да очекуваме превенирање на идните последици кои што би произлегле од нив.
Патот е јасен, треба решително да се продолжи по него.

Поврзани вести