Skip to main content

Правото, правдата или политичкиот интерес

Во последниве неколку дена, македонската јавност е сведок на интензивен судско-политички судир. Основата на овој судир лежи во, на прв поглед, едноставно прашање поврзано со зголемувањето на пензиите. Концептот на владата предвидува линеарно зголемување на пензиите, додека реакциите кои што доаѓаат од страна на Уставниот суд иницираат преиспитување на ваквиот концепт.

До тука работите изгледаат едноставно. Тие наликуваат на конфронтација која има исклучиво социјална димензија, тенденција за праведно распоредување на најавеното зголемување или пак заштита на уставните норми. Се зависи од тоа на кој начин и од која перспектива се гледа на работите.
Сепак, суштинската димензија на овој судир е далеку од само социјална или борба за правото и правдата. Таа има длабоки идеолошки корени кои се кријат под површината на тлото врз кое се кријат покренатите иницијативите за оспорување на владините политики. Фактот дека ваквата иницијатива е покрената од Добрила Кацарска, контроверзна личност во македонското судство, која беше директен учесник во политичко-судската фарса од времето на Заев, говори за тоа дека иницијативата е најмалку правна и најмалку во функција за заштита на уставните норми.

Иницијативата уште во старт наликува на прокси политичка активност на СДСМ која ја реализира преку своите инсталати во македонскиот правосуден систем. Разбирливо е дека директното инволвирање на оваа политичка партија во оспорувањето на зголемувањето на пензиите кај значителна бројка на најранливата категорија на пензионери, ќе предизвика негативни политички консеквенции за СДСМ. Затоа, употребата на маша во разгорувањето на огинот е најбезбедниот начин за предизвикување тензија и закочување на владините политики преку употреба правни алатки под контрола на партиските експоненти облечени во судска одора.

Во прилог на ваквото тврдење оди фактот што токму овие денови, во Европскиот суд за човекови права во Стразбур започнува постапка во однос на жалбата на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, осудена токму од Кацарска. Самото прифаќање на жалбата, засновано на изнесените аргументи од страна на поранешната министерка, говори за тоа дека има елементи кои на Судот во Стразбур му говорат дека постојат нарушувања на правото на фер судење. Сето ова индиректно упатува на тоа дека целата оваа судска постапка може да се интерпретира како политички монтиран процес.

Ако пресудите на Кацарска, веќе и официјално, се ставаат под лупата на Стразбур, како тогаш да гледаме на нејзините иницијативи покренати за нови предмети во државата кои го отсликуваат актуелниот момент на општествено живеење и функционирање? Со каква доверба да гледаме на нејзината иницијатива за преиспитување на линеарното зголемување на пензиите, кога веќе една од нејзините претходни пресуди е земена на преиспитување во Стразбур?

Ова особено доаѓа до израз ако наодите на Судот во Стразбур навистина утврдат нарушување на правото на фер судење, кое посредно наметнува импликации кои даваат партиско-политичка димензија на судските пресуди во Македонија од времето на Заев, Катица и Добрила. На, тој начин повторно се проблематизира нејзиното поставување за судија во Уставниот суд, кое всушност ќе се должи исклучиво на нејзините партиско-политички испораки, отколку на вистинската заштита на правото и правдата во Македонија.

Воопшто не претставува прекршок или криминал граѓанин на државата да биде политички активен или да има политички став. Проблемот е во тоа што преку злоупотребата на судската одора, некој напредува до највисоките позиции во македонскиот правосуден систем. Проблемот е и во тоа што довербата која што македонските граѓани безрезервно им ја даваат на судиите, преку системот на закони во оваа област, изразена преку високите плати и неограничениот мандат, некој ја злоупотребува и наметнува партиска агенда и интерес во работата на македонскиот правосуден систем.

Одлуката на Судот во Стразбур е најголемата потврда на ваквите констатации. Секој обид за поинакво толкување на состојбите во македонското судство е само дополнување на партиската активност на организирани поединци кои го имаат заробено правосудниот систем од внатре.

СДСМ во моментов молчи. Настапува многу внимателно, за разлика од нивната реакција во јули оваа година кога обвинуваа дека линеарното зголемување на пензиите претставува историска измама на оваа влада. Нивните тогашни оценки беа негативно препознаени од македонските граѓани, особено од македонските пензионери, кое што на крајот од денот ги одведе во историски најмалиот број на гласови кои некогаш ги имаат освоено на некои избори.

СДСМ е јасно против владиниот концепт за линеарно покачување на пензиите во овој момент. Тоа го има презентирано во повеќе наврати со исклучително силен политички интензитет. Но, овој пат, нивниот партиски пристап во опонирањето на владината мерка е поинаков. Тие се служат со структури кои што се инсталирани во највисоките македонски институции и кои ги активираат како „специјални единици“ во нивниот начинот на водење на политика при рушење на мерките на актуелната македонска влада.

Спорот околу иницијативата на Кацарска за преиспитување на линеарното покачување на пензиите е повеќе од линеарна метода на политичка конфронтација. Оваа пресметка во себе содржи историја која навлегува длабоко во лавиринтите на заробениот политички систем на македонската држава, но во исто време излегува надвор и оди дури до Стразбур и европските институции.

Овој спор покажува дека злоупотребите на македонската држава и нејзиниот систем никогаш не застанале ниту пак исчезнале. Тие само ја менуваат формата и преминуваат од еден облик во друг. Политичкото загадување кое што е присутно во македонските институции има свои протагонисти, а тие имаа име и презиме.

Добрила Кацарска, судијата чии што пресуди ќе бидат судени пред Судот во Стразбур, за кои штетата ќе ја плаќаат граѓаните на Македонија, повторно излегува на сцена. Излегува на сцена од нигде никаде, како активирана со далечински управувач да се конфронтира со политиките на актуелната влада.
Постојат бројни иницијативи поднесени пред Уставниот суд од видни заинтересирани граѓани, но тие чекаат во фиоките на оваа институција. Голем дел од нив стојат заглавени без извесност кога би можеле да бидат разгледани. Наспроти тоа, сега гледаме експресна иницијатива од внатре дојдена како по команда.

Кој е мотивот на Кацарска за повторно излегување пред јавноста – правото, правдата или политичкиот интерес?

Поврзани вести