Skip to main content

Повеќе можности за успех и еден проблем во 2025 година

Владата еуфорично влегува во 2025 година, со темпо кое не можеа да го очекуваат ниту најверните нејзини поддржувачи. По неколку месеци воздржаност во борбата против криминалот поради која почнаа да се поставуваат прашања дали Мицкоски може да испорача на овој фронт, видовме серија на акции со кои почна да се размонтира 20 години градениот криминален канцер насобран околу Али Ахмети. Справувањето со ДУИ, кои беа недопирливи и покрај одговорноста за воени злосторства, безобразно ниво на корупција, беше популарно предизборно ветување, но се поставуваше прашање дали е остварливо, имајќи ги предвид блиските врски на Ахмети со западните дипломати и распространетоста на неговите луѓе низ институциите на системот. Но ударот дојде координиран со американската администрација (во заминување) и тоа токму во моментот кога ДУИ изгледаше осилена, а нејзините поддржувачи ги броеа неделите до најавуваната покана за влез во владата. Ќе има уште доста работа, главниот осомничен побегна, а Ахмети ќе се обиде да одигра уште некоја карта, но веќе на сите им е јасно дека неговото време измина и дека следува радикално видоизменување на албанската политичка сцена во Македонија (а гледаме истраги насочени и против СДСМ – уште една партија која предолго време беше оставена без должното внимание од надлежните институции).


Владата одлично се снаоѓа на уште едно поле каде ВМРО е традиционално слабо – контактите со меѓународната заедница. Поради тектонското ниво на изборната победа и неодбранливото ниво на корупција на претходната Влада (иако во неа седеа партии на кои Западот многу им простуваше) овојпат гледаме дека ВМРО е прифатено како единствен легитимен претставник на македонскиот народ (во догледно време), па дури му се укажува и одредена поддршка во реализирање на приоритетите. Секако, очекуваме оваа состојба дополнително да се подобри по инаугурацијата на претседателот Трамп каде премиерот Мицкоски ќе има можност за неколку интересни средби во полза на Македонија.


Економијата расте, цените се уште се високи, инвестициите се на рекордно ниво. Во една важна област во која ВМРО е традиционално супериорно во однос на СДСМ – проектирање и водење на инфраструктурни проекти, веќе е јасно дека работите се драстично сменети. Неколку патни правци почнати уште од претходната вмровска влада, а спроведувани максимално анемично од СДСМ и ДУИ, ќе бидат пуштени во оптек во наредните денови, дел доаѓаат на лето, а дури и реализацијата на клучниот инфраструктурен проект на ДУИ и СДСМ – автопатите на Бехтел – е во многу посигурни раце сега отколку во времето на Артан Груби.


Но, (мора да има едно но) останува едно прашање кое може да го расипе расположението на Владата во 2025 година, а тоа е секако спорот со Бугарија. Влијанието на овој спор врз политичката сцена не може да се предвиди – од една страна, тоа може да биде минорно. Доколку се покаже дека ветувањата за напредок на Црна Гора и овој нов чекор што треба да го направи Албанија се повторно козметички мерки без вистинска суштина, тогаш ефектот врз Македонија ќе оди во поддршка дека е подобро да се сконцентрираме самите на себе, отколку да трошиме прекумерна енергија на прашање кое и без тоа ќе се реши само од себе кога за тоа ќе има политичка волја во Брисел. Но, сепак не смее да се занемари чувството дека сепак нешто фали во политичкиот проект во Македонија, и да и се остави на истрошената политичка опозиција (и албанската и сдсмовската) тема околу која би можеле да се прегрупираат. Гледаме деновиве дека токму коментаторите кои го напаѓаа проектот за изградба на брза железничка пруга по коридорот север – југ како проект кој ќе ја турне Македонија во рацете на Орбан и Вучиќ (иако проектот го водат и Австрија и Грција) креваат паника поради (бавното) градење на паралелниот транс-европскиот Карпатски автопат кој ќе ги поврзува балтичките и средноевропските земји со Турција преку Унгарија, Романија и Бугарија. Нема да биде пријатно да гледаме можност Македонија да се најде изоставена, на страна, дури и ако самите го комплетиравме автопатот север – југ пред 7-8 години, а сега енергично се приклучивме на железнички проект во истата таа насока, додека конкуренцијата ќе дојде (ако дојде) многу години подоцна.


Како и да е, ќе биде потребно да се направи добронамерен обид да се затвори тоа едно преостанато прашање од агендата со која што ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт (подобра економија, борба против корупција и достоинствени ЕУ интеграции). Тука многу не зависи од нас – во Бугарија има само техничка влада која тешко дека ќе може да пресече.


Мораме да се надеваме дека, дури и ако нема влада, во Бугарија сепак има критична маса на политички фактори кои не можат мирно да седат и да го гледаат повеќегодишното драматично влошување на односите меѓу двата народи кои би требало да се меѓу најблиските на Балканот (иако многу од политичарите таму и кумуваа на оваа ситуација). Заев им понуди отровно јаболко – човекот познат по тоа што едно исто пратеничко место им го ветуваше на пет кандидати, на Бугарија и вети дека ќе и испорача се што можела да посака во однос на македонскиот историски наратив и идентитетските прашања. Притоа, секако, не испорача ништо од ветеното, само ги поттикна бугарските националистички амбиции, а ги разгневи Македонците со што предизвика силна контра-реакција. Заев си ја подели партијата по ова прашање – неговите сопартијци никогаш не биле посебно посветени на егејското прашање и на спорот со Грција, но од секогаш својот тенок легитимитет да се одржат на власт го поткрепувале со негативен пристап кон Бугарија и обвинување на политичките противници дека се „бугараши“ (Заев им ја погреба оваа политичка стратегија).


Иако премногу бугарски политичари трчаа по ефтините поени кои мислеа дека ќе ги добијат капитализирајќи на ветените отстапки од Заев, можеме да слушнеме и гласови кои се свесни дека оваа состојба е неодржлива. Сознанието дека Бугарија, која едно време со нас сакаше да гради односи како Грција со Кипар, го блокира македонскиот пат кон ЕУ (Грција го блокираше големото проширување на ЕУ додека Брисел не се согласи да го прими поделениот остров Кипар) одговорот во македонската страна беше шок, следен со резигнираност, отфрлање на политичката опција која не доведе до оваа состојба, а паралелно следеше вртење кон себе и градење соработка со држави кои се отворени за тоа без условувања (при што секако дека Србија ќе го искористи отворениот простор што го остави Бугарија).


Македонската Влада и нуди можност на Бугарија да го напушти овој неприроден пат на конфронтација – Владата ја прифаќа отстапката на Заев, да се воведе уште еден билатерален услов за нашите ЕУ интеграции и да изврши уставни промени, но бара одредена доза на реципроцитет, што е неопходно за долгорочно градење на одржливи односи меѓу двете земји, и измените да бидат со одложено дејство. Целта на двете мерки е барањето да биде прифатено во јавноста и да се спречи отворање на нови точки на конфликт, со што ќе се спречи дополнително влошување на односите меѓу двете земји. Формирање на нова, конструктивна влада во Софија која ќе биде сериозно загрижена за улогата на Бугарија во регионот, или понуда за посредништво од некое повисоко место, би можеле да помогнат да се стави крај на овој проблем кој Заев ни го остави во наследство, со неговите мегаломански ветувања и политиката купи-ден-помини. Не смееме да дозволиме односите меѓу Македонија и Бугарија да останат заглавени во тунел без излез.

Поврзани вести