Ламбе Арнаудов
Оваа колумна ја посветувам на ГОСПОДИН ТИМОТЕЈ – МАКЕДОНСКИ ВЛАДИКА, МИТРОПОЛИТ НА ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА, кој што на 25ти овој месец се пресели од вечноста во вечен живот.
И нема да напоменам на мојот пријател, туку на многу повеќе од тоа, пријателна сите верници и граѓаните на цела Македонија, бидејќи навистина ТОЈ не правеше разлика меѓу луѓето по ниедна основа, а најмалку по припадност на друга религија, што го правеше уникатен, единствен и пријател, голем почитувач на сите вери.
Вечноста што го обликуваше НЕГОВИОТ ЛИК на овој толку извитоперен и лажен живот се огледа во истрајноста, решителноста, жилавоста, високата морална и етичка посветеност, во афирмација и примена на кодексот на однесување, живеење и практикување во целост, како што прилега на еден црковен великодостоинственик, а кој што галантно и несебично го ширеше меѓу својата паства учењето по ХРИСТА и живеењето по ГОСПОДОВИТЕ ЗАПОВЕДИ, вистински христијанско православни вредности достојни за земниот живот, и непосрамотен пред Христовиот суд.
Апсолутната безрезервна припадност кон БОГА, да бидам искрен, во овие четириесетнина мигови на вечност, со своето универзално познавање на црковниот и световниот живот му овозможи да ги соедини двата света во нераскинлива врска, цврста симбиоза, со што до врв ја облагороди мисијата, што од ГОСПОД му беше доделена да го направи овој микрокосмос под Неговата десница, подобро место за живеење.
Сведок сум, дека не му беше лесно. Дојде во град каде што верскиот живот, традициите и љубовта кон ВЕРАТА и ГОСПОД беше претворена до степен на егзибиционизам а не вистинска љубов. Нека ми простат моите сограѓани, дел од нив, ненавикнати на таква врвна посветеност беа затекнати и не го препознаа неговото свето доаѓање при нас.
Со својот огромен дигнитет што го демонстрираше за кој велеше дека му е подарен заради вистинско служење на Господ нé разувери сите, се покајавме како грешници кои без наше знаење сме грешеле и пресреќни го прифативме за наш ПАСТИР.
Од другата, НЕГОВАТА СТРАНА, ПАСТВАТА, НИЕ, бевме поставени на пиедесталот што ни овозможуваше како подобро и полесно, без мака да го препознаеме Христовото учење и ГОСПОД во нас, во другите и во сиот православен свет.
Голема благодарност ДЕДО од Твоите црковни внуци што од деца нé направи вистински православни христијани, да ја љубиме до бескрај нашата православна христијанска вера и вистински да ги почитуваме другите вери и верски заедници.
Верникот човек е човек.
Човекот без вера е гол човек. без сила, можност и имунитет од било што да се одбрани.
Дедо ТИМОТЕЈ, да ТИ се заблагодарам и за материјалните вредности што ги додаде, за попрактично и еруптивно збогатување на нашиот духовен живот.
Храмовите, црквите, манастирите, внатрешниот ентериер, рубата свештеничка, безброј икони, фрески и афирмативни предмети што го овозможуваат нашето духовно живеење да биде квалитетно, богоугодно и благословено, онака како што прилега во КНИГИТЕ.
Сé беше запоставено, разурнато, неодржано, необновено, а за жал ново немаше ништо.
Нашата епархија, ВАШИОТ христијански Универзитет на кој лесно без напор ги учиме црковните и животните лекции и успешно ги полагаме испитите со чисти десетки, благодарение на вашата умешност тоа да ни го всадите во нашите срца и да го внедрите во душите на секој од нас.
ДЕДО, ТИ благодариме за Твоите небесни дарови што посредно ни ги даваше, а ние со радост ги примавме, зошто знаевме дека Господ Те предодредил тоа да го направиш.
Сега кога, ангелите небесни те носат од оваа вечност што ја остави зад себе кон заслужената вечност меѓу праведниците, знам и самите Ангели ТИ се поклонуваат. Ја заслужи ЧЕСТА.
Сети се на нас, овде имаш уште многу работи да нé подучиш и да нé доближиш до СЕБЕ.
Нема да дозволиме да заминеш. Со твоето заминување ќе отиде и подобриот дел од нас.
Себични сме и ќе те чуваме во нас засекогаш.
Живееше со својта паства, монаштвото, свештенството, ктиторите, донаторите, иконописци, фрескописци, служители и служеше верно на Господ.
Сега одмори со ангелите небесни, светци преподобни и со својот УЧИТЕЛ кого верно го застапуваше на земјата.
Сега кога те нема уште повеќе ТЕ сакаме, зошто сé што правеше го правеше со голема леснотија и ни изгледаше нормално. Ама не било така.
Господ да ја благослови ТВОЈАТА благородна душа.
АМИН
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.