Skip to main content

Мојот календар не се мери по датуми, туку по контроли, по болнички ходници, боцкања и резултати

Порано календарот служеше за планови. Сега служи за контроли. Има денови кога се будиш и прво што помислуваш не е што те чека денес, туку — каде треба да одиш на лекар. Не затоа што сакаш, туку затоа што мораш.

Контролите се на два до три месеци, велат така. А вистината е дека меѓу тие „редовни“ контроли секогаш се случува нешто ново. Крвта ќе падне. Ќе се појави нов проблем. Ќе те викнат пак. И пак. И пак.

Почнуваш да ги препознаваш ходниците подобро отколку улиците по кои живееш. Ги знаеш столчињата на кои се чека. Ги знаеш мирисите на лабораториите. Го знаеш чувството кога ќе ти речат „уште една анализа“, а ти веќе немаш ни сила ни волја да прашаш зошто.

Секој втор ден повторно си таму. Со рака подадена за ново боцкање. Со надеж дека овојпат резултатите ќе бидат подобри. Со страв дека нема да бидат.

И додека чекаш резултати што доаѓаат по три недели, по еден месец, животот не застанува. Треба да одиш на работа. Треба да функционираш. Треба да бидеш таму за своите. А ти внатре само сакаш малку мир. Малку време без да мислиш на следната контрола.

За термин ќе те праќаат од еден на друг. Магија е да добиеш редовен термин. Од матичен преку интернист до специјалист… Ќе добиеш приоритетен, па ќе молиш да те примат додека упатот уште важи. Ќе бараш начин да стигнеш до лекар како да бараш услуга, а не право.

И кога конечно ќе завршиш сè за тој ден, ќе се вратиш дома исцрпен — не од болеста, туку од борбата да стигнеш до грижа.

Ќе ти кажат да ја набавиш терапијата надвор. Да ја бараш во друга држава. Подобро да одиш до Косово, отколку да ја купип од тука. И тоа боли, боли исто како болеста со која се бориш. Боли здравствениот систем за кој плаќаш секој месец. Боли општеството…

Боли… И сфаќаш колку далеку одиш само за да можеш утре повторно да станеш.

Хроничната болест не боли само во телото. Боли во тие денови што ги губиш по чекални. Во неизвесноста. Во чувството дека животот ти поминува меѓу „ќе видиме“ и „дојдете пак“.

И затоа календарот повеќе не го гледам по датуми. Го гледам по тоа колку сила ќе ми треба да стигнам до следниот.

А сепак — продолжуваш.
Затоа што мораш.
Затоа што животот те чека и кога ти би сакал барем за момент да застане.

(Трет дел)

ПРВ ДЕЛ

ВТОР ДЕЛ

Поврзани вести