Skip to main content

Многу нервоза поради една посета

Како што се очекуваше, настан на месецот е посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон – и експлозијата од нервозни реакции од страна на опозицијата и нивните медиуми. Од каде да почнеме? За мене, најзабавно беше да се гледаат обидите посетата да се претстави како неуспешна, со нови теории и линии на напад кои се отвараа на неколку часа, обично откако претходниот напад ќе ја промашеше целта.

На пример, дел од опозициските критики се упатија кон средбите на премиерот Мицкоски со јавни личности од конзервативната сфера во САД како што се Такер Карлсон, Меган Кели и Ден Бонџино. Вообичаена пракса е држави заинтересирани да слушнат како размислува претседателот на САД или да упатат порака до него преку неформални канали тоа да го прават преку поранешни амбасадори, конгресмени, класични медиуми (ТВ и печатени).. Но, екипата околу Трамп е од сосем поинаков ков. Самиот Трамп го повика неговиот најмлад син Барон да стане, да му се заблагодари за идејата во предизборната кампања да ги вклучи новите медиуми, да оди кај Адин Рос, кај Нелк Бојз, секако кај Роган, а едно од последните интервјуа на Трамп беше со Бонџино – сето ова се емисии каде неговата дрвена противкандидатка немаше шанси да се појави (добро, да бидам фер, Камала Харис отиде на Кол Хер Деди). По оваа добитна медиумска кампања, еден значаен левичарски коментатор, Вен Џоунс, директно го посочи Рамбл на македонскиот бизнисмен Крис Павловски – кој беше и домаќин на еден од настаните на кои присуствуваше премиерот Мицкоски – како канал преку кој Трамп успеал да допре до младите гласачи.

Ова е фантастичен развој на настаните – наместо ние десничарите да бидеме дрти, досадни, надвор од тековите на времето, ние ги имаме модерните, кул креатори, додека левицата е осудена да држи митинзи и телевизиски обраќања во кои им е страв да кажат некоја смешка и постојано проверуваат дали личноста што ја поканиле да говори можеби случајно твитнала нешто контроверзно пред 5 или 10 години.

Значи, лудост е да се потценува влијанието на овие личности од МАГАсферата (особено на суперѕвезда како Такер кој практично е неформален преговарач со Русија) врз политиката што ќе ја води Трамп – кои и самиот е зависник од стримовите на неговите омилени креатори. Меѓу другото, Трамп ја номинираше Кимберли Гилфојл, телевизиска новинарка со емисија токму на Рамбл (и доскорешна вереница на неговиот син Доналд Трамп јуниор) да биде амбасадорка ни помалку ни повеќе туку во Грција. во некои минати времиња, сме седеле со саати на дебати во некој тинк тенк за да процениме кој американски дипломат или аналитичар во моментов може да повлијае на грчката политика, но во времето на Трамп очигледно многу подобро е да си логиран на некоја од неговите социјални платформи.

Опозицијата го спори и присуството на премиерот Мицкоски на инаугуралната парада, која годинава се одржа на затворено. Додека некои балкански политичари ги видовме седнати со МАГА армијата во салата Капитол Уан, Мицкоски беше во ВИП ложата, заедно со Мајкл Ватли – човекот кој на терен ја водеше кампањата на Републиканската Партија, на кого и Трамп јавно му се заблагодари за победата за време на својот говор. Добро, да бидеме фер, Ватли е само ко-претседавач со Републиканската Партија. Кој е другиот небитен лик со кого Ватли ја дели оваа минорна партиска функција? Лара Трамп (сопругата на Ерик).

Настрана овие прашања кои произлегуваат од фактот што САД вообичаено не канат светски лидери на своите инаугурации и не постојат предвидени протоколи за вакви случаи, и обидот дискусијата да се сведе на тоа кој каде седел и со кого, Мицкоски беше примен на соодветно ниво – од членови на кабинетот на Трамп задолжени за безбедносни и економски прашања, кои и пред изборите изразија интерес за Македонија, со пратеникот на Трамп за специјални мисии (една од нви веројатно ќе биде Балканот), со видни стопанственици (на некои од нив Заев од само нему познати причини им ги одзема статусите почесен конзул на Македонија во САД), и секако една протоколарна средба со се уште актуелен претставник на Стејт Департментот. Мицкоски притоа и самиот загатна дека имало и дополнителни елементи во посетата за кои јавноста веројатно во иднина ќе биде информирана. Познато е дека на инаугуралните балови и приеми има и посебни ВИП оддели, места каде што не е секогаш дозволено фотографирање, каде може да се организираат средби во четири очи, па да видиме што ќе произлезе – самоувереноста на премиерот и очигледната нервоза на опозицијата зборуваат доволно.

Не е спорно дека држави од регионот со кои имаме и отворени (или замрзнати) спорови ќе добијат прием во Белата Куќа или телефонски повик пред нас. Се разбира дека и албанскиот фактор од Македонија и претставници на македонската опозиција, кои долго време имаа целосен монопол на конструктивни односи со американските дипломати во регионот, ќе се појават во Вашингтон на содржајни средби (освен Артан Груби, кој ќе треба да го чека својот „пријател“, директорот на ЦИА, да го посети во Албанија или каде и да се крие). Ништо од ова не е ново. Новоста е што и Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за првпат успешно ја игра играта што до сега ја наметнуваа и во која доминираа другите. Една можност беше дека Македонија, како мала балканска држава предводена од партија која обично не само што нема некои посебни лични контакти со САД туку честопати се наоѓа или игнорирана или отворено на удар на американската администрација, ќе треба да се „шлепа“ на своите сојузници за да добие некаков пристап до Трамп – на пример преку Орбан. Место тоа, деновиве бевме сведоци практично на македонски МАГА прием организиран за време на инаугурацијата, каде дел од гостите беа од македонскиот државен врв и дијаспората, а поголемиот дел беа медиумски ѕвезди од орбитата на Трамп и (прилично влијателни) членови на неговиот кабинет.

Со остварените контакти, Македонија е во позиција да се обиде да биде фактор во решавањето на отворените прашања во регионот. Мицкоски и Муцунски не криеа дека едно од прашањата на кои ќе се работи ќе биде деблокирањето на македонските евро-интеграции (во делегацијата беше и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков). Многу е можно овие контакти да бидат потребни и при евентуална разврска околу Косово, каде Македонија мора да ја избегне опасноста да биде монета за поткусурување. Секако, гледајќи го калибарот на соговорниците, потенцијалот за инвестиции и развојни проекти е огромен. Но најважно од се, крајно време е да се скрши шаблонот дека само албанскиот и СДСМ-овскиот фактор од Македонија имаат право да одржуваат блиски контакти со американската администрација, додека ВМРО-ДПМНЕ и македонските национални интереси во најдобар случај ќе бидат толерирани, а во најлош – ќе бидат на удар.