
„Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не е единствениот услов.“
Ова е суштината на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев за емисијата „Брисел 1“. Ова впрочем е суштината и на целата бугарска политика кон Македонија и процесот на македонските евроинтеграции. Првин промената на Уставот, а потоа сѐ што следи по ред.
Не би рекле дека тоа претставува нешто ново за нас или пак некакво изненадување коешто доаѓа од Софија и коешто фрла нова светлина врз македонскиот пат кон ЕУ. Од соседот ништо ново! Ништо ново кога зборуваме за политичките ставови и политичките ровови во кои е вкопана Бугарија и кои ги претвори во фронт на ЕУ во „војната“ со Македонија.
Но тука сепак има една новина. Има една добра и една лоша вест кои што можевме да ги разбереме од најновиот гласник на бугарската политика, министерот Георгиев. Овие вести до сега се движеа во зоната на шпекулации и политички претпоставки и беа причина за конфронтација на македонската политичка сцена. Но, после интервјуто на министерот Георгиев работите стануваат многу појасни, видливи и фрлаат сосема нова светлина врз целиот процес поврзан со македонските евроинтеграции во контекст на односите со Бугарија.
Како што е редот, првин лошата вест. Од Георгиев слушнавме дека Бугарија останува цврсто прикована за нејзините негаторски политики кон Македонија и Македонците. Без оглед на сите кризи, политички турбуленции, серија на избори и нестабилни влади кои што беа карактеристика за нашиот сосед во последниве неколку години, тие продолжуваат да ја пеат истата песна.
Георгиев јасно посочи дека бугарските барања нема да запрат само на уставните измени кои што ги прифати владата на Ковачевски и кои што поранешниот македонски премиер ги претставуваше како единствен услов кој доаѓа од Бугарија на патот на македонските евроинтеграции.
„Бугарија има многу јасно структурирана позиција по прашањето за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, европската интеграција, безбедноста на регионот, вземните прекугранични односи.
Од наша страна, мислам дека нештата се кристално јасни. Ние нема ниту да промениме нешто во нашето мислење, ниту пак има нешто што ќе го отфрли т.н. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година. Оттука натаму се што би можело да биде направено како заеднички принос на сите држави кои сме се обединиле околу тој европски консензус – е добредојдено. Но треба да се знае дека членство во ЕУ базирано на заслуги е еден фундамент на целата ЕУ, околу кој и ние како Бугарија сме се усогласиле пред 20 години, кога сме биле во нашиот процес на европска интеграција. Тоа го очекуваме и од останатите“, беше дообјаснувањето на Георгиев.
Тој вешто и дипломатски прави амалгам од бугарските и европските позиции со што јасно кажува дека уставните измени нема да бидат единствениот услов. Георгиев во исто време кажува дека членството во ЕУ мора да биде базирано на системот на заслуги, но и дека Бугарија нема да промени ништо во своето мислење, без притоа да потенцира дали промената на таквото мислење се однесува општите европски принципи или на билатералните пристап. Всушност, тој имплицира и ја повторува бугарската тенденција и желба да нејзините ставови се третираат како европски и како такви да претставуваат обврска за Македонија на патот кон ЕУ.
Не е проблемот во тоа што условите и стандардите на ЕУ треба да претставуваат услов за секоја земја кандидат за членство. Ние тоа го знаеме и и повеќе или помалку успешно се трудиме да ги исполниме поставените стандарди од Брисел. Тоа го правиме веќе дваесет години, паралено со сите блокади со кои се соочуваме. Министерот Георгив тука не кажа ништо ново и ексклузивно.
Ексклузивноста на неговата изјава се состоеше во тоа што Георгиев си зеде за право да ја игра улогата на претседателот на Европската комисија или на комесарот за проширување на ЕУ. Ако ваквата порака дојдеше некаде од Брисел, таа ќе имаше сосема друг контекст. Вака, пакувањето на европските стандарди и услови во бугарска пратка и со бугарска поштенска марка добива сосема нова димензија, која на процесот на евроинтеграции со право му дава дефиниција на билатерализација или балканизација.
Добрата вест е таа што министерот Георгиев искрено и чесно си кажа дека уставните измени нема да бидат единствениот услов за Македонија. Независно од тоа како ќе се толкува неговата изјава, повеќе како европска или повеќе како бугарска, со неа јасно беше посочено дека со промената на македонскиот устав нема да се отвори патот кој ќе се заснова само на заслуги и исполнувања на критериумите од Копенхаген.
Георгиев понатаму вели:
„Во тој европски консензус се и протоколите, патната карта за заедниците и малцинствата, придржувањето кон договореното за доброседството… Во спротивно, нема да има исполнување на европскиот консензус, нема да има исполнување на заклучоците од Советот. Нема да може да се пристапи кон отворање на првиот кластер кој се однесува на човековите права. Откако ќе видиме уставни измени, се надеваме, да – тогаш ќе се отвори патот и почнува процесот…“
Гледаме дека добрососедството како термин останува во фокусот на источниот сосед. Овој термин воопшто не треба да претставува проблем. Напротив, треба да е добредојден и постојано да се работи на зајакнувањето на добрососедските односи. Проблемот настанува кога терминот како таков се доживува еднострано и се бара негово почитување само од другата страна, без да се погледне во сопствениот двор. Неисполнувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија во однос на Македонците кои што живеат во оваа земја се само една илустрација на таквиот едностран пристап кон терминот добрососедство.
Поентата од изјавата на Георгиев е во тоа што потенцирањето на добрососедството и билатералните договори како врвен приоритет, всушност уште еднаш ја потврдуваат констатацијата која што беше изнесена од страна на премиерот Мицкоски директно пред западните партнери, дека евроинтегративниот процес на Македонија е билатерализиран и заробен во рамката на едностраното поимање на терминот добрососедство.
Изјавата на министерот Георгиев можеби е прва изјава од ваков тип дадена од висок официјален претставник на Бугарија. Неа треба да ја третираме како јасна порака која ги решава сите дилеми и политички надмудрувања кои беа присутни на македонската политичка сцена. Таа целосно ги негира тврдењата на Ковачевски и Филипче дека уставните измени се единствениот бугарски услов на македонскиот пат кон ЕУ. Таа целосно ги депласира тезите од неодамнешното излагање во Брисел на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека уставните измени се проблематизираат од актуелната власт и дека со тоа се самоблокира евроинтегративниот процес на државата.
Од друга страна, изјавата на Георгиев целосно ги потврдува тезите и ставовите кои доаѓаат од премиерот Мицкоски и неговите соработници, независно од тоа дали се работи за времето кога беа во опозиција или сега кога се на власт, дека уставните измени не се единствениот услов кој што како држава ќе треба да го исполниме во однос на Бугарија. Тие се само почеток на нешто коешто нема јасна и извесна траекторија и нешто коешто навистина ќе биде засновано на системот на заслуги и исполнување на европските вредности.
Ваквиот став и е добро познат на македонската јавност и истиот е присутен од првиот ден на прифаќањето на обврската за уставни измени од страна на претходната влада предводена од СДСМ. Единственото нешто во коешто може да му забележиме на бугарскиот МНР Георгиев е тоа кога вели дека во Македонија не се зборува за тоа дека ќе има нови услови на патот кон Брисел. Со сета почит кон него, без да сакаме да провоцираме дополнително заладување на односите со Бугарија, мора да кажеме дека Георгиев веројатно има еднострани информации кои го отсликуваа исклучиво ставот на СДСМ и нивните водачи Ковачевски и Филипче.
Георгиев сепак мора да знае и да го има во предвид ставот и постојаното повторување од страна на актуелната власт и премиерот Мицкоски дека промената на Уставот нема да претставува единствен услов за Македонија и дека македонските евроинтеграции се жртва на билатерализација на процесот.
Тоа ќе биде добар почеток, барем за меѓусебен дијалог и разбирање на различностите.