
Македонија денес има широко развиен индустриски сектор, обновен по економскиот колапс во 1990-ите години, благодарение на отворањето на земјата за странските инвеститори и активното нудење на подготвени локации и даночни олеснувања. Десетици компании, главно од автомобилскиот сектор, вработуваат десетици илјади работници кои или немаше каде да работат или беа повлечени од земјоделството, текстилниот сектор и други пониско платени гранки.
Кога почнуваше овој процес на реиндустријализација, имаше доста критики поради даночните олеснувања што ги добиваа компаниите, обвинувања дека платите немало да бидат доволно високи, а една група левичарски експерти дури се жалеше дека губиме вредни пасишта за да отвараме фабрики.
Легендарната анализа на тинктенкот на Јовановиќ и Тевдовски, во која, не знаејќи што нова глупост да кажат против индустриските зони на Груевски, пресметуваа колку кила патлиџани и компири можеле да се добијат ако го изораме Бунарџик. Чисто да се потсетиме какви идиоти се СДС pic.twitter.com/2HJcQ14OZF
— Cvetin Chilimanov ////////// (@Cvetin) August 13, 2022
Овие критики набргу беа делегитимирани, кога се покажа дека економските придобивки од новите фабрики се неспоредливо поголеми од даночните олеснувања, а платите се и повеќе од конкурентни. Но, имаше една критика, која можевме да ја слушнеме и од некои од инвеститорите, која звучеше особено непријатно. Се случуваше инвеститор кој не е многу вичен во вештината на јавното говорење, да каже дека нивната компанија доаѓа во Македонија поради пониските синдикални стандарди. Се сеќавам на еден од нив кој надолго објаснуваше како синдикатите му ја упропастиле фабриката во западна Европа, инсистирајќи на енормен број празници и слободни денови, барајќи дел од работниците да не работат ништо друго освен да бидат синдикални водачи, како и – што беше особено проблематично – инсистирале на според него прекумерни услови за заштита при работа.
Овој последниот момент беше сериозно спорен. Се разбира дека држава која во тоа време имаше стапка на невработеност од 15-20 проценти, не може многу многу да бира какви индустриски гранки ќе развива, односно изборот и е меѓу тоа да биде отворена за нови фабрики со полабави синдикални правила или да гледа како младината продолжува да и се иселува. Ни беше јасно дека новите фабрики од познати светски брендови секако ќе имаат повисоки стандарди на заштита при работа, подобро обсмислени и климатизирани хали, и побезбеден производствен процес од постоечките текстилни фабрики, рудници и фабриките наследени од минатиот систем, иако ќе бидат под стандардите на Германија. Но сепак беше непријатно да се слушне дека дел од инвеститорите не гледаат како дестинација во која не само работниот час туку и здравјето, а потенцијално и животот на работникот вреди помалку отколку во државите во кои дотогаш работеле. Дека нивната одлука да и дадат шанса на Македонија да се реиндустријализира е движена од мотивот за профит, а дека во пресметката на профитот влегува и малиот но сепак присутен ризик за здравјето и животите на работниците. Важно е да се напомене дека Македонија повлече црта пред одлуката дали реиндустријализацијата ќе подразбира и отворање на нови рудници. И покрај силниот политички поттик, од трите најголеми партии, да се донесат компании кои ќе отворат нови рудници (кои ветуваа повисоки еколошки стандарди од постоечките рудници) граѓаните преку референдуми и нивните избраници сепак стопираа повеќе крупни проекти (кои беа несреќно лоцирани во густо населени региони или во близина на важни земјоделски подрачја). Придобивките од овие рудници ќе се почувствуваа во големата ресурсна криза која почна со војната во Украина, а рудниците можеби навистина ќе функционираа по повисоки стандарди од нашите застарени рудници во кои сме сведоци на повремени инциденти. Но сепак Македонија донесе одлука да го намали ризикот по здравјето, дури и по цена на губење сериозни економски можности.
Катастрофалната трагедија во Кочани на најбрутален можен начин пред нас го постави прашањето за изборот меѓу економската активност и безбедноста. Тука немаме голема странска компанија која дошла од некаде да се коцка со нашите животи и да не експлоатира. И бедниот профит и пропустите на институциите во овој случај се локални, домашни, дело на луѓе од истиот град и на функционери од Скопје. Одлуката на сопственик на приватна компанија да нашминка крајно несоодветен објект користејќи запаливи материјали со цел за мали пари да го претстави како модерен клуб од висока класа во кој седат/работат и неговите деца, и потоа да го замачка овој пропуст со помош на локалните службеници чија работа била да ги утврдат ризиците, со соучество на министер во Скопје е домашен пропуст.
Ако како општество имавме дискусија за стандардите во странските компании кои ги каниме во Македонија и за отварање на нови рудници, никој не помисли да отвори дискусија за тоа колкаво ниво на јавашлук треба да толерираме или колкава строгост да применуваме кон домашните бизниси. Дискусија за стандардите во угостителството обично се отвара кога граѓани на Скопје се жалат за бучавата во неколку извикани локали во центарот на градот, како и за прекршувањата на правилата за време на Ковид епидемијата. Не се сеќавам да сме имале ангажирана дискусија во јавноста за безбедносните стандарди на угостителските објекти и за работата на инспекциските служби.
Еден сериозен обид да се сузбие доминантната домашна култура и да се воведат европски стандарди беше забраната за пушење во кафулињата и рестораните. Друга таква мерка беше забраната за продажба на алкохол во вечерните часови – која беше воведена по трагична сообраќајна несреќа во која загинаа млади луѓе во Скопје. Двете мерки беа укинати во мандатот на Заев и овие обиди за воведување нов вид на дисциплина и заострување на пристапот во области кои дефинитивно не чинат животи, беа напуштени. Културата на јавашлук продолжи да доминира, а неколку сериозни трагедии кои можеа да не сепнат и да не натераат да ги заостриме стандардите беа турнати под килим. Автобуската трагедија кај Групчин/Ласкарци беше третирана од судството така што вината се префрли кон возачот и кон механичарите од сервисниот центар – наместо кон неговиот сопственик. Трагедијата Беса Транс уште повеќе ја покажа гнилоста на системот – во јавноста излегоа сериозни обвинувања дека министерот Спасовски, како надлежен за постапување во врска со пропустите на транспортната агенција ургирал да се смени обвинителката Рускоска за да се заштити од одговорност. Во случајот со пожарот во болницата во Тетово вината се насочи кон кабелот – наместо кон Заев и Филипче кои го обсмислија и спроведоа градењето на болниците, а и кон екс заменик министерот чија компанија учествувала во изградбата. Не слушнавме ниту дали има одговорност за пожарот во трговскиот центар на Заеви во Струмица за кој се покажа дека немал противпожарен систем. Со вакви примери на највисоко ниво, нормално дека и одговорните на пониско ниво ќе тераат лабаво, и така безбедноста се тенчеше и тенчеше со години, за на крај да се скине со катастрофални последици од кои прашање е дали некогаш ќе успееме да се соземеме.
Една светла точка е што во одговорот на трагедијата во Кочани навистина гледаме масовна реакција, насочена и кон највисоките функционери кои директно ги одобрувале лиценците за работење на клубот, така и кон најниските службеници кои замижувале пред очигледните пропусти, па дури и издавале казни на непостоечки фирми за да го заштитат сопственикот.
Не можеме со сигурност да знаеме дали по-остар пристап по претходните несреќи можеби ќе ја спречеше трагедијата во Кочани. Но се чувствува дека како општество сме свесни дека единствен правилен одговор во моментов е конечно да почнеме да ја сузбиваме културата на јавашлук.