Skip to main content

Континуитет на сервилноста и манипулациите

„Македонија е заглавена во самонаметнато вето во процесот на сопствените евроинтеграции!“ Ова им го соопшти Венко Филипче, претседателот на СДСМ на неговите колеги од сестринските социјалдемократски партии во Брисел.
Нема ништо спорно и неточно во констатацијата на Филипче. Гледано од формално-правен аспект, факт е дека сме доведени во состојба на самоблокада на евроинтегративниот процес на државата. Човекот е во право! Прифаќањето на обврската за уставни измени навистина ја доведе државата во состојба на самоблокада. За ваквиот ефект се предупредуваше и пишуваше уште во времето кога се водеа интензивни преговори на релација Скопје-Софија-Брисел во однос на преговарачката рамка, но тогаш некои „беа силни“, иако имаа едвај владино мнозинство. Филипче не греши кога вели дека сме доведени во состојба на самоблокада при што целосно се растеретени сите оние кои имаат интерес од нови блокади на македонскиот евроинтегративен процес. Едноставно, до следната епизода тие си ја завршија работата. Проблемот не е во тоа што Филипче извика „ЕУрека“ и им го промовираше сопственото откритие на „топлата вода“ на колегите во Брисел.

Во што е проблемот?
Проблемот е во тоа што неговата констатација е со толкаво временско задоцнување колку што е стара преговарачката рамка на Македонија со ЕУ и фамозниот француски предлог. Проблемот е во тоа што Филипче дури сега им соопштува на колегите левичари дека наследството од владата на Ковачевски, во која што и самиот беше министер, ја довело Македонија во состојба на самонаметнато вето. Проблемот е во тоа што новоизбраниот претседател на СДСМ настапува како политичар со избришана меморија или пак како политичар кој дури сега сфатил дека сме во состојба на самоблокада и за прв пат на јавна сцена дава таква изјава.

Ова е навистина загрижувачи момент за македонската политичка понуда, особено ако се има во предвид фактот што Венко Филипче тукушто го започна својот нов мандат како претседател на најголемата македонска опозициона партија. Загрижува фактот што лидерот на опозицијата, кој впрочем беше активен учесник во спроведувањето на политиките на неговата СДСМ како владејачка партија, дури сега сфаќа дека оставштината и наследството од политиките на Заев и Ковачевски ја довеле Македонија во сотојба на самонаметнато вето. Загрижува и тоа што, доколку ја сфатиме неговата изјава како свесна манипулација и играње на картата на кратко паметење, Филипче со умисла прави инверзија на тези и промашувањата на неговите претходници ги претставува како нешто кое што дошло само по себе или дури дека е плод на политиките на неговите опоненти од актуелната власта.

Навистина несериозен и загрижувачки прв настап на лидерот на опозицијата од кој се очекуваше, ако ништо друго, да презентира отрезнување, прифаќање и признавање на сопствените политички грешки. Филипче треба да е свесен дека македонскиот народ има сериозно искуство со политичките манипулации и играњето на картата на кратко паметење. На Филипче треба да му е јасно дека нема да бидат доволни формалните изјави од типот дека пораката испратена од народот е сфатена и дека СДСМ ќе се реформира после историски најголемиот пораз на една власт во Македонија. Тој мора да понуди вистинска реформа, пред сѐ во пристапот на водење и имплементирање на политиките кои се од државен интерес.
Филипче дефинитивно мора да сфати дека црвените линии на националните интереси се градат заедно со сите релевантни политички чинители во државата, а не онака како што тоа го стори Ковачевски со прифаќањето на обврската за уставни измени, без да го има потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Состојбата на самоблокада на македонските евроинтеграции е директно наследство од Ковачевски како премиер и претседател на СДСМ. Венко Филипче, ако сака да даде придонес кон македонските евроинтеграции, првин мора да ги признае политичките грешки на сопствената партија од минатото, па дури тогаш на соодветен начин и со соодветни аргументи да поентира во Брисел. Тој иако кажа дека во ЕУ недостасува визија, требаше јасно да подвлече дека благодарение на притисоците од поедини земји членки, но и поради сервилноста на претходните македонски влади, Македонија е доведена во состојба на самоблокада.

Ова ќе беше вистинската поента, признавање и прифаќање на сопствената одговорност и вистински начин за почеток на една нова политика во СДСМ. Тоа ќе бише чекор напред и обид за ресет на неговата партија која со прифаќањето на она што е очигледно за цел народ ќе може да се вклучи во политичката понуда и да ја бара довербата од граѓаните. Но, тоа не се случи! Пристапот и дискурсот презентиран од новоизбраниот претседател на СДСМ претставува потврда дека во СДСМ сѐ уште се тераат политиките „како до сега“.

Филипче во Брисел изнесе уште една точна констатација. Таквата констатација веќе подолго време доаѓа од спротивниот табор, односно од актуелната влада и премиерот Мицкоски, а се однесува на билатерализацијата на процесот на македонските евроинтеграции. Без оглед на изворот, Филипче и тука не згреши. Двете изнесени тези се еден вид на реминисценција и промоција на сѐ она што беше говорено од политичките опонентите на СДСМ и од бројни експерти, како за време на тековниот мандат на актуелната влада, така и од времето кога ВМРО-ДПМНЕ од опозиција постојано сугерираше на штетните политики на СДСМ и неговите експоненти. Недостатокот на визија и стратегија на ЕУ реално е еден од најзначајните фактори за билатерализацијата на процесот. Токму овој фактор, надополнет со сервилноста и потчинетоста на владите на Заев и Ковачевски кон негаторските политики ја создадоа оваа состојба на самоблокада. Филипче, сакајќи го тоа или не, буквално ги опиша и посочи сите присутни во салата во која што зборуваше како најголеми виновници за застојот на македонските евроинтеграции.

Обидот за критика кон претходниот комесар за проширување, Олливер Вархеи, делуваше како еден патетичен обид за додворување кон неговите левичари во Брисел. Зошто Филипче, како дел од владата на Ковачевски и како истакнат член на СДСМ, не ги изнесе овие ставови во времето на Вархеи и во времето на прифаќањето на преговарачката рамка од страна на Ковачевски?

Сервилност, тоа е!
Разочарувачки беа и неговите апели за креирање на социјалдемократска агенда за процесот на проширување на ЕУ во рамки на европските институции. Тоа беше недвосмислен израз на политичка инфантилност со која Филипче даде предлог за класична партизација на процесот на проширување на Европската унија. Европската унија е еден демократски организам кој го сочинуваат сите бои на политичкиот спектар. Тоа е организам кој ги рефлектира интересите на сите европски граѓани, независно од нивната политичка определеност. Партизацијата на процесите, вклучително и на процесот на проширување на ЕУ би претставувала вистинска сдсмовизација на ЕУ. Зарем Филипче навистина верува дека во Европа некој би прифатил таков предлог, колку и да му се леви идеите и идеолошката матрица?!

Ако настапот на Филипче во Брисел, кој што беше фокусиран претежно на евроинтегративниот процес на Македонија, содржеше елементи на манипулација, партизација, сервилност и играње на картата на кратко паметење, се поставува прашањето какви ќе бидат неговите изјави и политики во однос внатрешните прашања на државата?! Ако односот на лидерот на опозицијата кон македонските евроинтеграции останува според принципот „како до сега“, каков ќе биде неговиот однос и политики во врска со внатрешните прашања кои се од витално значење за граѓаните?! Какви ќе бидат неговите политики во однос на потребата од реформи во повеќето општествени области и во однос на борбата против криминалот и корупцијата? Дали Филипче има некаква програма со која ќе понуди поинаков пристап или неговиот мандат ќе претставува континуитет и надоврзување на она што го гледавме од неговите претходници Заев и Ковачевски?!

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, уште првиот ден требаше да презентира јасна политика во однос на сите прашања кои се детектирани од граѓаните како исклучително проблематични и кои создаваат чувство на разочараност и незадоволство од државата. Филипче требаше прв да предложи целосна и темелна истрага на сите оние случаи од времето на неговото учество во владите на СДСМ кои доведоа до трагична загуба на човечки животи, како онаа во Кочани. Тој уште првиот ден од својот нов мандат требаше да испрати јасна порака дека судството мора да се реформира и дека недовербата на граѓаните во третата власт не е плод на нивната имагинација. Венко Филипче требаше прво да соопшти дека раскрстува со политиките „како до сега“ и дека виртуелниот датум за преговори со ЕУ на Заев и состојбата на самоблокада на Ковачевски, се наш заеднички проблем. Тој требаше да соопшти дека мора да најдеме одржливо решение за проблемот без повторно да бидеме ставени во позиција на блокади и самоблокади, а не да им се додворува на левичарите во Брисел со дискусии кои се прегазени од времето и од актуелната политика која го зоврива светот.
Изборот на Венко Филипче за претседател на СДСМ не е само внатрешно партиско прашање. Тоа е избор на лидер на опозицијата која што треба да претставува коректив на власта, прашање кое што е во интерес на сите граѓани и демократскиот амбиент во државата. Програмската понуда на Венко Филипче треба да даде нов импулс и да отвори ново поглавје кое ќе им стави крај на манипулативните и сервилни политики препознатливи за неговите претходници.
За жал, првиот впечаток е негативен и загрижувачки. Слушнавме иста реторика, исти манипулации, иста замена на тези и иста тенденција за играње на картата на кратко паметење. Видовме презентација на континуитет во пристапот на водењето политики со претходните претседатели на партијата. Видовме и сервилност.

По сѐ изгледа, во СДСМ сѐ останува исто, како до сега!

Поврзани вести