Skip to main content

Една идеја од Запад што за среќа нема да ја примениме

Изборните политички мапи на САД, Канада, Британија, Франција.. веќе се практично идентични. Огромно море обоено црвено (САД) или сино (Британија) или која и да е бојата што се користи за десната политичка опција во таа земја, и мали точки во спротивната боја која ги обележуваат етнички и расно мешаните големи градови.

Огромните пространства кои по правило гласаат за десната партија се рурални места, региони со помали градови, каде што живее населението кое според модерниот политички речник се нарекува normies – луѓе од доминантното домородно население, кои имаат семејства, работат во реалниот сектор (земјоделие, индустрија, нафта, механика), средно или практично применливо високо образование, луѓе кои честопати имаат сериозни економски проблеми поради деиндустријализацијата на нивните држави и имаат големо количество на сомнеж и скепса кон владејачката бирократија, дури и кога таа доаѓа од „нивната партија“ поради што честопати гласаат за протест-политичар кој прво се пресметува со центар-десните политичари, па дури потоа се врти кон левицата (Трамп, Фараж, Ле Пен).

Овие предели делуваат импресивно на мапа – се добива впечаток дека, на пример, цела Америка гласала за Трамп – но, од друга страни, малите точки кои гласале за левата опција се огромните градови по брегот на Атлантикот, Пацификот и големите езера. Овие екстремно густо населени лево ориентирани области имаат приближно еднаков број на население како руралните десничарски области. Двата дела на САД си развиваат своја култура, слушаат своја музика, гледаат свои серии, се облекуваат на свој начин, и тоа се одразува и на политичката определба – гласаат за политичари кои ќе направат на нив да им биде подобро (што честопати значи дека на другите ќе им биде полошо). Од времето на Обама, кога се засилува поларизацијата по расни и класни основи во САД, се потешко е да се најде урбана средина која гласа десно и рурална средина која ги поддржува левите.

Интересен феномен е што оваа мапа се пресликува и во други западни (па и источни) држави. Политичката мапа на Англија ги има Лондон, Манчестер, Бирмингем.. сите поголеми градови, обоени црвено, додека помалите градови и руралните пространства на јужна Англија се обоени конзервативно сино. Исто е и во Франција, Германија, Австрија, но и во Србија, Унгарија, Полска.. Јасно е дека дури и во Русија расположението во големите градови влече на една страна, додека руралното и населението од помалите градови оди на другата политичка страна. Поради тоа, изборните трки се решаваат зависно дали одредена држава е повеќе рурална или повеќе урбана – потоа на партиите им останува само да пресликаат сет на политики и медиумски пристап од американските или британските партии и имаат готова понуда за гласачкото тело на кое сакаат да му се обратат.

Бидејќи по правило, населението кое се идентификува како normies, значи семејните луѓе со реална, нормална работа, се уште се мнозинство во споредба со урбаните градски немажени-неженети млади луѓе на кои им треба 15 минути да ви објаснат што е тоа што го работат (скрам мастер?!), во пракса, десницата има подобри шанси за победа. На левицата и останува по изборите да го саботира резултатот на десницата, и да ги спречи десничарските политичари во владеењето со државата, што често пати и оди од рака бидејќи урбаната левица е далеку по-силно застапена во бирократските апарати, медиумите и универзитетите. Но, левицата сепак сака понекогаш и да победи на избори. Кога поради поларизацијата ќе ги загубат гласовите на мнозинскиот народ во нивната држава, левицата се почесто се врти кон малцинствата, дали се работи за историски малцинства како што се Афроамериканците во САД, или пак скорешни имигранти. Со цел да ја подобри својата изборна положба, левицата не се двоуми да ги отвори границите на својата држава и да увезе нови гласачи, што дополнително ја продлабочува поларизацијата и ги тера десните средини, кои чувствуваат дека друг народ ги заменува во нивната сопствена држава, да гласаат уште по-десно. Во САД е веќе незамисливо Демократската Партија да победи пред се со гласовите на белото население – демократите сметаат на над 90 проценти од гласовите на Афроамериканците, и на слична поддршка кај другите малцинства – тие ги загубија неодамнешните претседателски избори затоа што Трамп имаше сериозен успех кај Хиспаноамериканците. На парламентарните избори во Франција видовме сценарио кое ни е познато од 2016 година – здружување на гласовите на урбаното население кое го поддржува Макрон со гласовите на малцинските партии – честопати со силен исламски предзнак – со цел заедно да ја надгласаат партијата на Ле Пен. Иако е јасно дека најголем број од етничките Французи гласале за Ле Пен, и во првиот круг мапата на Франција беше обоена во нивните партиски бои, неформалниот сојуз на Макрон со крајните левичари и исламисти кои буквално рекоа дека гласаат пред се во интерес на Палестина, по кој знае кој пат ја остави партијата на Ле Пен – а со неа и мнозинството на етничките Французи – во опозиција.

Целиот овој вовед не носи до планот што СДСМ го спроведуваше од 2016та година, кој за среќа беше осуетен со драматичната победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2024 година. Јавноста од почеток се сомнева во посветеноста на СДСМ на идејата на македонска национална држава, овие сомнежи се утроија поради постапките на СДСМ, медиумите и невладините блиски на нив за време на 2001 година, повторно пораснаа во 2008 година, кога СДСМ ја смени својата политика кон заштитата на името на Македонија, а од Шарената Револуција наваму партијата не се ни преправа дека се залага за национална држава на Македонците. Напротив, свесни дека не можат да добијат мнозинство од македонските гласови, во СДСМ целосно го прифатија западниот модел на левичарска партија – и работат на создавање на коалиција на урбаното граѓанство на кое концептите како семејство, вера и нација му се веќе надмината работа и некое етничко малцинство или имигрантска заедница – во нашиот случај Албанците. Овие размислувања кулминираа во мандатот на Ковачевски кога, поучени од политички стратези како Бојан Маричиќ и Ана Чупеска, СДСМ отворено бараа, па дури и молеа, да се формира предизборна коалиција со ДУИ. Штетата што Македонците ќе ја платеа како резултат на купување на уште некоја година власт за СДСМ ќе беше целосно десуверенизирање на македонскиот народ и прифаќање на сите актуелни барања на нашите соседи (а сигурно ќе се појавеа и нови барања – кога веќе сите гледаат дека во тек е распродажба со невиден попуст). За да останат на власт, СДСМ беа сосема подготвени да воведат политички модел во кој урбаното граѓанство + најголемото малцинство перманентно ќе го надгласуваат мнозинството од етничките Македонци, со што Македонците ќе се дефакторизираат, и политички и економски и симболично, а сето тоа поткрепено со поддршка од нивните пријатели од „меѓународната“ и од соседството. Левицата во Македонија не може да ги отвори границите за да увезе нови гласачи, но направи сериозен обид во таа насока со фејк пописот што го организираше ДУИ. Дури и многу побогати и постабилни држави кои се наоѓаат во далеку посигурно соседство тешко се справуваат со ваквиот политички модел, и доживуваат сериозен бунт на мнозинското население. На Балканот, отстапување од својата национална кауза, а охрабрување на други, далеку подобро подготвени каузи, е рецепт за катастрофа. ДУИ секако ја прифатија оваа понуда на СДСМ, свесни дека можат многу повеќе да зграбат, и во коруптивен смисол и во реализирање на албанската национална кауза, преку коалицирање послабата македонска партија – Ахмети дури презема сериозен ризик и го наруши Мајскиот договор чија цел беше буквално да спречи создавање на типот на коалиција која си ја зацртаа во СДСМ.

Поделбите во албанскиот кампус со цел да се зграби што поголемо парче од бргу растечкиот колач што им го сервираше СДСМ, како и јасната изборна понуда за деДУИзација што ја претстави ВМРО-ДПМНЕ, го осуетија овој план. Но, оваа закана продолжува да виси над Македонија – до пред една недела се уште имаше чувство дека ДУИ ќе успее да предизвика одредена дестабилизација и потоа да се наметне како фактор на стабилност. ВМРО-ДПМНЕ очигледно ја разбира оваа закана, и деновиве гледаме дека во тек е обратен процес, на жесток одговор на обидите на ДУИ да предизвика политичка и етничка криза, со ставање крај на долгогодишните преговарања и премижувања за очигледните криминали генерирани од оваа партија. На Балканот, еден народ едноставно нема друг избор, туку мора да се бори за своето место под сонцето, и не смее да отстапува од заштитата на своите интереси. Деновиве станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го разбира и дека во Македонија, мнозинскиот народ ќе има соодветна улога во управувањето со државата.

Поврзани вести