
На политичката сцена во Македонија ретко кое прашање толку јасно ја покажува разликата меѓу политичките актери како евроинтеграциите. Ова не е само прашање на декларативна заложба, туку тест за политичка зрелост, државнички капацитет и подготвеност да се преземе одговорност во историски моменти. Во тој контекст, контрастот во пристапот на Христијан Мицкоски, наспроти оној на Венко Филипче, не е само очигледен, туку е суштински различен и одлучувачки за иднината на државата.
Европската интеграција не е само надворешнополитичка агенда. Таа е процес на длабока трансформација на општеството, институциите и вредносниот систем. Во таа насока, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ јасно ја артикулираат својата поддршка за ЕУ, со значајна доза на трезвеност и рационалност. Нивниот дискурс често е обоен со наративи кои што ја одразуваат реалноста, но и со јасно посочување на одредени процеси кои се доживуваат како билатерализација и наметнати од надвор. Евроинтеграциите за нив остануваат стратешка цел на државата која треба да биде реализирана, но не по цена на обезличување и загуба на идентитетските обележја.
Од друга страна, ставовите на СДСМ и Венко Филипче се темелат на определба дека членството во Европска Унија е стратешка цел без алтернатива. Членството во ЕУ е нешто кое што мора да се реализира, дури и по цена која што се подготвени да ја платат и која што можевме да ја почувствуваме во седумте години од нивното доскорешно владеење. Оваа позиција подразбира подготвеност за носење одлуки, вклучително и компромиси кои често се непопуларни и спротивни на интересот на македонскиот народ. Тоа што СДСМ сака да ги претстави ваквите политики како инвестиција во иднината на државата, е нивна политичка определба која добива се помала поддршка кај граѓаните.
Клучната разлика меѓу овие два пристапа се согледува во односот кон компромисите. СДСМ и Филипче ја градат својата политика врз идејата дека историските спорови и билатералните прашања мора да се решаваат преку дијалог и компромис. Овој пристап беше видлив во претходните договори кои навидум ја деблокираа евроатлантската перспектива на земјата. Но, тоа беше само промена на адресата од која доаѓаа блокадите. Ако претходно тоа беа Атина, Софија или Брисел, СДСМ со своите политики ја доведе земјата во состојба на самоблокада, ослободувајќи ги од формална одговорност оние кои што навистина ја блокираат Македонија.
Спротивно на тоа, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски постојано го оспоруваат концептот на отстапки и компромиси, претставувајќи го како сервилност и трговија со националните интереси. Во нивниот наратив, европскиот пат треба да се одвива без ултиматуми и диктати, што во пракса значи партнерски однос заснован на системот на вредности, со мерливи резултати и јасна перспектива. Оваа позиција ја отсликува волјата и интересот на граѓаните, кое што јасно се гледа преку последната индиректна размена на аргументи меѓу Мицкоски и амбасадорот на Франција во Македонија. Овој медиумски дијалог беше најексплицитната и најискрената размена на ставови и аргументи кои до сега се имаат случено на македонската политичка сцена. Од една страна беше кажано дека Европската унија нема механизам ниту пак волја да се справи со билатералното дивеење на поедини свои членки, кои со уцена и притисоци се однесуваат кон земјите кандидати. Од друга страна беше кажано дека таквата слабост на ЕУ е неприфатлива и неприменлива.
Појасно, здравје!
Францускиот амбасадор јасно посочи дека не постојат теоретски шанси за промена на методологијата за пристап и преговори кон ЕУ, ниту пак за промена на системот на едногласност и ветото како механизам, од почетокот до крајот на преговорите. Одговорот на Мицкоски за тоа дека уцените нема да поминат, беше доволна мамка за Филипче, кој во манир на клен капиталец веднаш го голтна мамецот.
И повторно ја слушнавме старата песна испеана уште од времето на Заев, дека „за македонскиот народ членството во ЕУ значи интеграција како Македонци кои говорат македонски јазик, рамноправни во големото европско семејство“. Слушнавме дека „за сите наши граѓани, членството во ЕУ носи пари, носи пристапни фондови до 40 милијарди евра, поголеми плати, повисоки пензии, подобро образование, подобра инфраструктура, подобро здравство, правда“ и сите останати теоретски погодности кои неминовно доаѓаат со членувањето во ЕУ.
Ја слушнавме убавата страна, но не слушнавме дека сме блокирани и дека од нас се бара постепена промена на идентитетот за време на процесот на преговори!
Слушнавме и дека немаме децении за губење. „Тоа се нашите животи, тоа се животите на нашите деца, и на нашите внуци. Македонија нема децении за губење! Оваа земја не е создадена за да чека, за да стои во место, да се плаши во неизвесност и да се затвора во изолација.“
„Македонија е создадена за да оди напред, да напредува, да биде слободна, демократска и европска земја. Македонија не е создадена за власта да ја краде, да го пљачка народот, и да ја држи во неизвесност. Ова е прашање за иднината на државата.“
„Јас немаат дозволам, СДСМ нема да дозволи да ја снема оваа тема. Да ја снема желбата, да го снема сонот на нашите граѓани за Европа. Напротив ќе се борам, ќе се бориме уште посилно и уште по одлучно. Борбата допрва почнува, ќе ја вратиме нашата држава на европскиот колосек, како што ја внесовме во НАТО така ќе ја внесеме Македонија и во Европска Унија.“
Сето ова е убаво кажано и срочено како список на желби, но Филипче никаде не нуди решение како да го постигнеме тоа. Не кажува како да ја надминеме бугарската блокада и како да го надминеме реалниот страв од проширувањето кое што постои во одредени земји од Европската унија. Тоа се прашања кои што се реалност и ќе бидат присутни до крајот на интегративниот процес, независно од волјата и од подготвеноста на Филипче да ги прифати сите диктати и да го промени идентитетот на македонскиот народ до степен на брисељаци кои се гордеат со својата сарма, ајвар и тавче-гравче. Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ ако оди по паметот на Заев, Ковачевски, Филипче и нивните брисељачки финти.
Во контекст на актуелните геополитички предизвици, разликите на домашната политичка сцена станува уште понагласена. Односот со стратешките партнери на Македонија, САД и Британија, добива на важност и тежина. За волја на вистината, СДСМ и Филипче воопшто немаат став кон политиките на овие партнери, освен во негативна конотација повремено. Целокупната надворешна политика на државата, според СДСМ треба да е сведена на односите со ЕУ и реализација на „насоките“ на ЕУ внатре во Македонија. Воопшто не постои интерес, ниту пак храброст да се излезе од оваа рамка и да се погледне пошироко во потрага и заштита на државниот интерес.
Исто така, неодлучноста и неспособноста на ЕУ во процесот на проширување сега добива уште поизразена димензија во односите со сојузниците од НАТО. Не сакаме да навлегуваме во тоа кој е во право, но факт е дека негативниот ефект од седењето на повеќе столици во исто време ќе се мултиплицира токму во моментите кога тоа најмалку е потребно. ЕУ се претвори во нем набљудувач на најжешките процеси на планетава, доведувајќи се самата себе си во подредена позиција.
Аналогно на претходно кажаното, можеби токму тука лежи најсуштинската разлика меѓу Мицкоски и Филипче. Мицкоски се води според актуелниот политички момент кој во предвид ги зема политичките и економските закономерности кои што ја опкружуваат Македонија, заедно со интересот на македонскиот народ и граѓани. Ваквиот пристап му овозможува да кормилари низ бурниот геополитички океан кој воопшто не ги простува грешките на капетаните. Од друга страна, СДСМ и Филипче сѐ уште се засидрени со сидрото на Заев во истото мочуриште во кое не валкаа во годините додека беа на власт.
Сидрата никогаш не влекле, ниту пак ќе влечат некого напред!

Македонски



