
Во отсуство на движења и турбуленции во македонскиот блок на политички партии, македонската политичка сцена сепак не мирува и не дозволува приматот да и биде одземен од спортот, културата, уметноста или некои други сфери од нашето секојдневие. Фокусот останува на политиката, а политичарите и понатаму се најприсутниот и највидливиот дел во медиумската понуда во државата. Тоа и не е некоја новост или инцидентна состојба. Македонската политика со децении го преокупира вниманието на домашната јавност, со повремени прекини во моментите на блесок на македонските спортисти и уметници. Таков е стилот на нашето живеење и тоа се навиките кои многумина од нас нè држат будни и во исчекување на новите занимливости кои што со себе ги носи секоја нова политичка епизода.
Како што рековме, во македонскиот блок е релативно тивко, без поголеми превирања и со јано изразени односи на силите помеѓу владејачкиот и опозициониот кампус. Анкетите кои што неодамна беа презентирани во јавноста, јасно го покажуваат трендот на континуираната поддршка која што ја ужива владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со тенденција на зголемување на разликата во однос на најголемиот политички конкурент, СДСМ. Тука работите се јасни и претставуваат резултат на политичкиот капитал кој што овие партии го создаваа или губеа благодарение на сопствените активности и политики.
За разлика од македонскиот блок, во блокот на политичките партии кои што ги претставуваат етничките Албанци, работите стануваат динамични и интересни за следење. Ако од една страна опозициската ДУИ е стеснета и заглавена во калта на сопствените промашувања, црните листи и вклученост во криминални активности на нејзините функционери и нивните роднини, владејачката коалиција ВРЕДИ, од друга страна, почувствува таква слобода и комоција што успеа да си дозволи да се подели на два дела. Во периодот кога сета политичка логика и очекувања одеа во правец на тоа дека коалиционите партнери во ВРЕДИ ќе го искористат периодот на слабост на ДУИ и ќе се подготват за задавање на конечен удар на претстојните локални избори, тие успеаја да го урнисаат сето она што макотрпно го градеа и изградија во престет на минатогодишните избори.
Се поставуваат прашањата, дали Арбен Таравари, клучниот протагонист во оваа политичка епизода, прецизно ги пресметал своите тековни и идни потези и дали исходот од турбуленциите кои што ги предизвика ќе му донесат бенефит? Дали Арбен Таравари смета дека етничкиот Албанец е гласач без политичко чувство и чувство за повисок интерес? Тоа се оние чувства кои што претставуваат појдовна основа и влијаат на определбата на мнозинството за тоа во кој правец ќе ги насочува процесите. Дали Арбен Таравари смета дека токму тоа политичко чувство, кое што во основа го имаше соборувањето на ДУИ од власт, нема да биде изманипулирано и изневерено со неговите кокетирања со Ахмети неполна година од неговото влегување во владата? Дали смета дека поддршката која што во моментов ја ужива е резултат само на неговото политичко делување или истата е резултат на повеќе позитивни аспект поради неговото коалицирање во ВРЕДИ и владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ?
Тука има многу варијабли кои заслужуваат прецизна математичка пресметка за на крајот од денот Арбен Таравари да знае дали ќе излезе онолку силен колку што мисли дека е или можеби ќе остане како без гласачи, така и без пратеници во парламентот. Неговите политички погледи на моменти наликуваат како да се засноваат на неговите лични интереси. Ова ја доведува во прашање адекватната валоризација на неговата политичка вредност соодветно на неговите посакувани проекции. Тука се наметнува голем знак прашалник, дали Таравари со излегувањето од ВРЕДИ и одењето во прегратките на Ахмети, со што ќе следи и автоматско напуштање на владата, со себе ќе однесе онолку мираз колку што во момнетов поседува… барем виртуелно?!
Воопшто не е за занемарување веројатноста Таравари да остане без поголем дел, како од неговите поддржувачи на теренот, така и од избраните пратеници во парламентот. Можеби тој лично е соодветно мотивиран за креирање на актуелните турбуленции од страна на таборот на Ахмети, но покрај евентуалната лукративна мотивација за мал круг на луѓе која што во ДУИ имаат капацитети да ја испорачаат, во моментов не се забележуваат сигнали и елементи кои ќе мотивираат поголема структура на политичари и гласачи кои се водат од погоре споменатите политички чувства и чувствата за повисок интерес.
Тука доаѓаме до Ахмети. Ваквите активности на Таравари го радикализираат Ахмети и неговата ДУИ. Коалицијата која што ја предводи се нарекува Европски фронт, кое што самото по себе имплицира промоција и одбрана на европските вредности, особено начелата на демократијата, владеење на правото и заштитата на човековите права. Но, во исто време сведочиме на ретроградни изјави од страна на Ахмети кои повеќе наликуваат на повици за конфликт отколку на дискурс кој оди во правец на заштита на споменатите вредности.
Неговите закани со протести поради постапката која што се води против еден од поранешните министри на ДУИ, како осомничен во случајот поврзан со пожарот во Кочани, се класична демонстрација на неевропски вредности, неказнивост и нееднаква примена на законите кон сите. Тоа се закани кои на сцена повторно сакаат да го вратат на сила апартхејдот како модел на владеење. Од неговиот табор постојано повторуваат дека тие се победничкиот блок кај Албанците и како такви поседуваат легитимитет кој по автоматизам треба да им овозможи учество во владата предводена од победникот кај Македонците.
Како прво, овој нивни став нема никаква правна ниту пак морална основа. ДУИ како предводник на коалицијата Европски фронт воопшто не го црпе легитимитетот само од албанските гласачи, туку нивниот квантум на гласови кои што го добија на минатите избори е резултат добиен од поширок базен на гласачи во кој се вклучени повеќе етнички заедници. Без разлика на тоа што создавањето на Европскиот фронт и обединувањето на повеќе етнички заедници во коалиција предводена од ДУИ можеме да го толкуваме како квалитет плус во коалициониот капацитет на оваа партија, или пак како и чекор напред барем во теоретското застапување на европските вредности, сепак мора да констатираме дека вистинскиот легитимитет како победничка коалиција кај Албанците го имаше ВРЕДИ. Математиките велат дека ДУИ е малцинство во однос на ВРЕДИ кога зборуваме за гласачите Албанци. Тоа е првиот факт кој ДУИ ја става во контрадикторна положба на самата себе.
Како второ, влада во Македонија може да формира оној политички блок кој што ќе обезбеди поддршка од над шеесет пратеници. Таков беше случајот во 2017 година кога ДУИ како победик во албанскиот блок ја игнорираше волјата на македонските гласачи и му овозможи на поразениот Заев да формира влада. Во тој момент престана да важи неформалниот, неуставен и незаконски принцип за формирање на влада на „победник со победник“. Деновиве, кога од ДУИ и неговите сателити повторно слушаме како актуелното мнозинство на македонски пратеници го игнорира Европскиот фронт, поконкретно ја игнорира волјата на албанските гласачи и не ги прима во владата, тие забораваат да кажат дека токму од ДУИ ја поништија и игнорираа волјата на мнозинството гласачи Македонци во споменатата 2017 година.
Токму ваквите политички позиции се најголемата потврда за двојните стандарди кои што се применуваат од страна на таборот на Ахмети и потврда на политиките кои што го промовираат апартхејдот и тиранијата на малцинството како модел на владеење во Македонија. Со огромна леснотија го промовираат ваквиот став како небаре да е најголемата европска вредност која што и недостасува на Македонија.
ДУИ, реално гледано, е партијата која што има дваесетгодишен стаж во учеството во различни македонски влади. Таа партија зад себе има подолг период на учество во власта и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Таа партија е должна да се реформира и да испорача политики кои реално ќе црпат супстанца од европските вредности, а не од вредностите промовирани во 2001 година.
Ваквите политики кои што ги промовира Ахмети дополнително ќе го зголемат јазот, како меѓу самите Албанци, така и со Македонците и останатите етникуми. Тоа во голема мера ќе претставува кохезивен фактор кај македонските гласачи кај кои сè уште се свежи и болни сеќавањата на апартхејдот како модел на владеење и распродажбата на македонските национални интереси за некакви неостварливи преговарачки рамки. Сè уште е свежа трговијата со националниот инетерес од страна на Ковачевски и Осман исто онака како што се свежи провокациите на Груби, играњето фудбал во кабинетите на македонските институции, неговото бегство и црните листи кои што ги полнат ликови од раководството на ДУИ.
Ваквите политики и отсуството на реформи неминовно ќе го поразат ДУИ, без оглед на сите деструктивни обиди кои што се обидува да ги прави. Токму тука е најголемата одговорност на Арбен Таравари. Тој мора да ги има во предвид сите релевантни варијабли при решавање на равенката за тоа во кој правец ќе ја движи сопствената политика. Неодамнешната средба со Мицкоски, гледано од страна, може да се толкува како обид на премиерот да укаже на потребата од конзистентност и почитување на оние гласачи кои сопствениот глас го доделуваат врз основа на политичкото чувство и чувство за повисок интерес, а не врз основа на лукративните и личните интереси на оние кои што се борат за власт.
Тоа е убава шанса за Таравари да направи корекција на сопствениот курс. Втора шанса можеби никогаш нема да има.