Skip to main content
2F0tTRLvPo8
ПРОФ. Д-Р ЛИЗА ПАНТЕКОВСКА

Спортскиот турист е посакувана категорија за секоја дестинација поради карактеристиката на добар потрошувач

Спортскиот туризам е најбрзорастечка форма на туризам. Проекцијата е дека така ќе биде и следните десеттина години. Се очекува бројот на спортски туристи глобално да расте и секој четврти турист во светот да биде спортски турист, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Лиза Пантековска, која предава на Факултетот за спортски менаџмент при АУЕ ФОН.

Нејзин потесен предмет на интерес е спортскиот туризам. Живееме во време кога сите некаде патуваат или сакаат да патуваат и постои голема конкуренција. Македонија мора да го разбере спортскиот туризам во целост и да се приклучи на глобалниот тренд на спортот како критериум на туристички развој во вистинска смисла на зборот.

Конечно е време за реална, а не само декларативна меѓузависност на системите на спортот и туризам. Уште еднаш ја потенцирам неприкосновеноста на природните ресурси и теренската разновидност. Имаме чисти езера и реки, недопрени планини кои нудат автентични спортски искуства. Богатото културно – историското наследство е уште еден атрибут кој може да биде интегриран сегмент во еден спортски производ како пешачка или велоспидска тура или пак спортско случување. Климатските услови овозможуваат целогодишна спортска активност. Ценовната достапност, вели проф. д-р Пантековска.

Со неа разговаравме зашто спортскиот туризам претставува додадена вредност на една спортска организација, од кој аспект Македонија може и треба да биде интересна за спортскиот туризам, за организацијата на Охридскиот пливачки маратон и Шарпланинскиот скијачки куп, што и донесе на Македонија организацијата на УЕФА Супер купот во 2017 година, Европските сениорски шампионати во одбојка мажи во 2023 година и во ракомет жени 2008 година, светските и европските првенства во младинските категории, каква промоција носи Скопскиот атлетски маратон за државата, дали спортскиот туризам може да се поврзе со велнес и здравствениот туризам и што може да се очекува од спортскиот туризам во следните години.

На АУЕ ФОН предавате на студиската програма Спортски менаџмент. Ваш потесен предмет на интерес е спортски туризам. Каква е актуелната состојба на спортскиот туризам во Македонија?

ПАНТЕКОВСКА: Спортскиот туризам како концепт на глобално академско проучување се идентификува во деведесеттите години на минатиот век. Се јавува како резултат на силните социо – економски активности кои се идентификуваат со туристичките движења поттикнати од управувањето со спортскиот сектор. Во Македонија академско проучување на спортскиот туризам настапува подоцна и како самостојна дисциплина е се уште реткост во академските програми. Тоа пак има свое влијание во вистинската препознатливост на формите на спортските туризам на терен и нивно разбирање во потполност. Ова го посочувам како фактор кој може да го исклучи спортскиот туризам како критериум врз кој треба да се придвижува туризмот генерално во Македонија.
Но, она што може да се констатира e дека има силни поместувања во спортскиот туризам и за него сѐ погласно се говори и чинам многу повеќе во спортските кругови. И тоа не е случајно, зашто спортскиот туризам претставува додадена вредност на една спортска организација и поттикнува меѓународна соработка, дополнителен приход и вештина на градење и управување со организацискиот бренд.
Објективно, се забележува трансформација на потенцијалот на природните и човечки ресурсите во вредност, што резултира со пораст на различни форми на спортски туризам. Тука првенствено мислам на спортско манифестацискиот туризам како број на манифестации ѝ тоа од различно ниво и карактер, потоа на спортско – рекреативниот туризам како востановени пешачки, велоспедски, кајак тури и за крај, но не и најмалку важен е спортско – едукативниот или спортско – тренажниот туризам преку бројот на спортски кампови, доминатно за деца и млади. Дури и спортските семинари, преку бројни регионални проектни активности стануваат веќе видлив дел.
Она што е важно во оваа насока е присуството на дел од нив во промотивната туристичка понуда на Македонија.

Како се вклопува спортскиот туризам во општата стратегија за развој на туризам во државата?

ПАНТЕКОВСКА: Кога дискутираме за општата стратегија за развој на туризмот, примерено би било да се повикам на официјaлниот стратешки документ за туризам на Македонија, поединечните национални потстратешки документи и можеби делумно на законската легислатива од актуелен датум. Кај сите нив, всушност се бележи парцијална застапеност на спортскиот туризам. Акцентот е ставен на спортско – рекреативниот туризам односно, онаа форма на спортски туризам која е непосредно поврзана со потребата на човекот за физичка активност со цел одржување на личното здравје, релаксација и забава. Стратегијата јасно го детектира тој тренд во туризмот и во неа се назначува улогата на т.н активни одмори врз конкурентноста на дестинацијата. Притоа, се посочува дека физичката активност и инвестициите поврзани со неа ќе бидат фактор на одлучување при избор на дестинацијата во иднина. Стратегијата исто така ги гледа природните ресурси во државата како темел на овие активности. Во оваа насока се размислува и во потстратегијата за активен туризам. И законската регулатива всушност разговара најмногу во овој контекст. Законот за туристичка дејност ги регулира спортско – рекреативните активности базирани на природни ресурси како други видови туристички услуги. Значајно е дека законот се грижи за квалитетот и безбедноста на овие услуги со нужен ангажман на стручно оспособен кадар за соодветна спортско – рекреативна активност (скијање, нуркање, едрење, кајакарење итн.) од страна на давателот на услугата.
Неспорно е дека процесот на вреднување на спортските содржини за сеопшт туристички развој е отпочнат, но од друга страна неспорен е ѝ фактот кој го посочив претходно дека остануваат непрепознатливи останатите форми на спортски туризам.

Проф. Лиза Пантековска: Македонија мора да го разбере спортскиот туризам во целост и да се приклучи на глобалниот тренд / Фото: Александар Ивановски

Во минатото Охридскиот пливачки маратон и Шарпланинскиот скијачки Куп беа едни од најпрестжните спортски манифестации кои ја промовираа Македонија на спортската туристичка мапа. Денес можеби тоа е Скопскиот атлетски маратон. Од кој аспект Македонија може и треба да е интересна за спортски туризам?

ПАНТЕКОВСКА: Јас би рекла од секој. Единствено што треба е да бидеме мудри и соодветно да таргетираме. Дијапазонот на спортско – туристички производи во сите негови форми видовме дека е навистина широк, зошто самата дејност спорт е широка. За некои од нив сме поконкурентни, за некои не. Стратегијата веќе ги детектира природните ресусри како наша најголема конкурентска предност во делот на спортско – рекреативните активности, но и најголема конкурентска предност на туризмот воопшто. Она што треба да се знае можеби кај спортскиот туризам е дека спортскиот објект е неговата основа. А, по дефиниција природата може да се трансформира во таков. Ако се навратиме на структурата на Вашето прашање, покрај вредноста на нивната традиција заедничкото за спортските манифестации дефинирани како силен промотор во него, е природата како спортски објект. Оттаму, јасно доаѓаме до одговорот дека највисока стандардизација на спортски објект претставуваат нашите природни ресурси. А, тие поддржуват многу. Од тури до кампови, од манифестации до подготовки.
Мрежата на останатите изградени спортски објекти варира во својата стандардизација, односно варираат во можноста да исполнат репрезентативни, клупски или лични стандарди за различна форма на спортски содржини. Но, секој од нив исполнува нечиј стандард. Дали ќе биде тоа стандардот на професионалниот спорт, дали оној на рекреативниот спорт или да речеме на спортот за младинските категории. Тоа значи дека степенот на функционална искористливост во создавање на спортско – туристички производи и нивна конкуретност зависи од она што го посочив на почетокот – соодветно таргетирање.
За да бидете генерално конкурентна спортско – туристичка дестинација вие треба да имате дополнителни ресурси надвор од овој темел и што е најважно правилно да управувате со нив. Ќе посочам само дел, транспорт, сместувачки капацитети, организиран систем на спорт и туризам, квалитет на човечки реусри во спорт и туризам, спортска медицина итн.
Потребно е да ги гледаме можностите и така да дејствуваме. Нив ги имаме.


Кои спортски случувања Вие би ги одвоиле како значајни за спортско – туристичко позиционирање во регионот и пошироко?

ПАНТЕКОВСКА: Спортските случувања се најрепрезентативниот облик на спортскиот туризам. Во принцип, тие обезбедуваат јавност на дестинацијата домаќин. Јавност пред, за време и по нивното одржување. Организацијата на спортското случување, посебно големото, не треба да биде стратешка одлука само на спортскиот сектор, туку треба да биде стратешка одлука ѝ на туристичкиот сектор. Спортското случување всушност е одличен начин за градење на свесност за дестинацијата. Начин како најбрзо да стигнете до потенцијалниот спортски турист.
Категоризацијата на спортските случувања од аспект на туристичка вредност за дестинацијата говори дека најголемо спортско случување на кое Македонија била домаќин е УЕФА Супер купот во 2017 година. Потоа, Европските сениорски шампионати во одбојка мажи во 2023 година и во ракомет жени 2008 година. Следни на рангот се сите светски и европски шампионати во младинските категории, квалификациските групи за пласман на сите погоре наведените шампионати, европски купови во низа на други спортски дисциплини. Можеби несвојствено за пошироката јавност, но дури потоа доаѓаат оние национални спортски манифестации со широк меѓународен карактер какви што се маратоните ширум светот. Но, со промената на трендовите за физичка активност на секојдневието, сметам дека градските трки/маратони го надминуваат вака поставениот ранг.
Нѐ помалку значајни во генерирањето на континуиран туристички промет се оние национални спортски манифестаци со поскромен меѓународен карактер, а кои имаат силна традиција од која ја црпат својата голема вредност. Во овој контекст би ги приклучила и сите оние спортски манифестации кои се градат на автентичност – такви какви што нема односно недостасуваат на пазарот.
Меѓутоа, за целосно позиционирање на спортско – туристичката мапа не е доволно само нивното постоење. Потребен е промотивно туристички пристап. За тој да се реализира организацискиот влог на спортската федерација или спортскиот клуб и организацискиот влог на органите на државна управа одговорни за туризам мора да биде еднаков.

Во кој дел или аспект може да бидеме во предност во регионот во однос на другите земји за спортски туризам Пантековска вели:

Дали спортскиот туризам може да се поврзе и со велнес и здравствениот туризам?

ПАНТЕКОВСКА: Ако се земе во предвид дека во основата на сите три облици на туризам стои идејата за унапредување на психофизичкото здравје, тогаш да, тие се комплементарни.
Предизвикот на денешниот спортист односно рекреативец не е во оптоварувањето, туку многу повеќе во формите на негова регенерација по оптоварувањето. Во улогата како спортски турист, искуствата од велнес туризмот, масажи, термални бањи или медиативни практики, го поттикнуваат овој процес на регенерација. Практично, толку е природна и потребна оваа поврзаност денес, што е дури интегрирана како единствен производ.
Телесните движења се користат ѝ за превенција и лекување. Се поставуваат специјализирани програмски активности на телесни движења кои патолошката состојба на организмот треба целосно или делумно да ја отсранат. Ваквите програмски активности по структура се најблиски до формите на спортско – рекреативен туризам. Исто така, не може да се дискутира за спортски туризам во дестинацијата доколку зад него не стои систем на соодветни здравствени услуги.

Што може да се очекува од спортскиот туризам во следните десеттина години?

ПАНТЕКОВСКА: Спортскиот туризам е најбрзорастечка форма на туризам. Проекцијата е дека така ќе биде и следните десеттина години. Се очекува бројот на спортски туристи глобално да расте и секој четврти турист во светот да биде спортски турист. Во Европа се предвидува надминување на бариерата на секој трет турист да биде спортски турист, со издвојување на пазари со тенденција тоа да биде секој втор турист. Бројот на спортски манифестации ќе расте, со можност на создавање на персонализирани искуства за секој турист поединечно (ВИП услуги). Тоа подразбира и дека инвестицијата во спортска инфраструктура ќе расте, но идејата за одржлив спортски туризам односно заштита на животната средина ќе биде критериум во тие инвестиции. Сите спортски содржини кои ќе се дефинираат како одржливи пример кајакот, едрењето, пешачењето, планинарењето ќе бидат во фокусот. Климатските промени ќе останат голем предизвик за определни дестинација кои го базираат својот развој на оние спортски дисциплини кои се непосредно зависни од нив како скијањето. Технологијата нема да го одмине ни спортскиот туризам. Интерактивни алакти и виртуалената реалност ќе се нуди како дел од спортско – турстичкиот производи во насока на поактивно учество на туристите во производот. Конкурентноста ќе расте со позиционирање на нови дестинации за спортски туризам. Со оглед дека глобалниот свет прераснува во едно немирно тло, безбедноста и сигурноста ќе остане високо ценет критериум во спортско – туристичките движења.
Недвојбено е дека Македонија мора да ги адаптира своите можности на оваа динамика. Мора да го разбереме спортскиот туризам во целост и да се приклучиме на глобалниот тренд на спортот како критериум на туристички развој во вистинска смисла на зборот. Конечно е време за реална, а не само декларативна меѓузависност на системите на спортот и туризам. Впрочем, ако вистински ги воочивме како приоритети и ги институционализиравме рамноправно со другите системи како министерства, тогаш да создадеме силна платформа за спортски туризам која ќе обезбеди долгорочни општествени придобивки и меѓународна промоција на државата.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото/видео: Александар Ивановски

Монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести