Skip to main content

Цигарите го јадат здравјето и домашниот буџет

Фрипик

Речиси секој втор возрасен во Македонија е активен пушач, а домаќинствата со пушачи издвојуваат повеќе од 13 проценти од својот семеен буџет за цигари. Ова се поразителни бројки што директно влијаат врз здравјето, сиромаштијата и економскиот развој на земјата. Искуствата во регионот покажуваат слична состојба, но сите се едногласни во фактот дека можеби не може многу да се направи за возрасните зависници, но може да се превенираат нови зависници од тутун меѓу младите. Со силна поддршка на медиумите, и соработка на надлежните владини институции и граѓанскиот сектор може да се постигне повеќе во намалување на зависноста од тутунски производи: Ова беше најсилниот заклучок од регионалната работилницата „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“ која се одржа на 2 октомври во Скопје.

Во Македонија младите почнуваат да пушат на 13 години, а 40 отсто од популацијата до 18 години се пушачи, покажаа анализите на „Аналитика тинк тенк“, независна институција за истражување на јавните политики.

Македонија сѐ уште се рангира како една од земјите со повисоки стапки на пушење, но нас нѐ загрижува фактот што анализите покажуваат дека на младите под 18 години не им се забранува продажба и апелираме дека треба да се почитува законската регулатива. Ако ја гледаме и фискалната страна, добро е и да се зголемат цените на овие нови производи кои најмногу ги користат младите сега. Според нашите анализи, тие имаат ниска цена и има простор за зголемување на акцизаата што би ја покачила цената и би ги направила помалку достапни. Друга работа е што треба да бидат препознаени во Законот за заштита од пушење, бидејќи сѐ уште не се препознаени како такви, фигурираат како нови производи. Штом се препознаат, ќе се добие една перцепција дека и не се и така побезбеден производ како што сите некако имаме перцепција“, рече Тамара Мијовиќ-Спасаова од „Аналитика тинк тенк“.

Бројките се точни, или можеби уште поголеми. Со години зборуваме дека Македоинија има висок процент на пушачи, вели за „Република“ проф. д-р Деска Димитриевска, пуломолог и претседателка на Македонското респираторно здружение, коментирајќи ја статистиката која беше презентирана на регионалната работилница.

Таа смета дека промени се можни, но треба активност на сите сегменти од општеството.

Конзумирање тутун предизвикува голем број на болести, не само на органите за дишење, туку и болести на сите други органи и системи. Новите дивајси, како што се електорнски цигари и вајпови, се уште повеќе штетни отколку класичните цигари и секако треба да се забранат со закон. Треба да се корегира законската регулатива, и многу важно да се спроведува и почитува истата, изјави проф. д-р Димитриевска.

Учесниците на конференцијата беа едногласни дека пушењето е една од најголемите закани за јавното здравје и економската стабилност во регионот. Потребни се посилни медиумски кампањи, доследна примена на законот, зголемување на цените на тутунот и системска едукација на младите.

Настанот, организиран од Аналитика тинк тенк со поддршка на Johns Hopkins University и Bloomberg Philanthropies, ги обедини претставниците на медиумите, истражувачите, државните институции и меѓународните организации. Клучната порака беше јасна: пушењето е јавноздравствена криза што бара итни и заеднички одговори, преку превенција, едукација, зголемување на даноците и контрола на индустријата.

Цигарите не смеат да бидат евтини – цената е еден од најсилните алатки во борбата против пушењето. Македонија има највисок процент на смртност од цигари во Европа. Медиумите треба да се вклучат и да помогнат преку едукативни програми за младите. Ако не можеме да влијаеме кај постарите, мора да се насочиме кон помладите генерации. И тука се јавува логично продолжение: додека законските и економските мерки се важни, нивната ефикасност се зголемува ако медиумите и едукацијата ги поддржат, вели Ана Чернишова, Заменичката на постојаниот претставник на УНДП.

Според податоците од истражувањето на Аналитика Тин Тенк презентирани на настанот, домаќинствата со пушачите трошат во просек 13,2% од буџетот на цигари – значително повеќе од 10,3% во 2018 година.

Овие бројки покажуваат дека пушењето буквално го истиснува буџетот потребен за храна, образование и здравје. Тоа не е само здравствен проблем, туку и двигател на сиромаштијата, предупреди Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика тинк тенк.

Таа додаде дека пушачките семејства во просек трошат и многу повеќе за алкохол , дури 12,5% од буџетот, наспроти само 1,1% кај непушачките.

Од Институтот за јавно здравје сметаат дека државата мора да биде во постојан чекор со промените.

Тутунската индустрија не мирува, таа брзо лансира нови производи. Ако регулативите не се ажурираат и не се засноваат на научни докази, јавноста останува незаштитена,“ потенцираат од таму.

Тие додадоа дека и покрај добрите закони, критично е нивното доследно спроведување и контрола.

Само вака можеме да поставиме пример како едно општество може да се грижи за своето здравје, велат од ИЈЗ.

Александра М. Бундалевска

Поврзани вести