
Општина Центар е срцето на главниот град, место каде секој детаљ зборува за ликот, духот и за вредностите на граѓаните кои живеат во неа. Но, во последните години, голем број станбени објекти се оставени на забот на времето, со дотраени фасади, нарушена естетика и сè поголеми енергетски загуби кои директно го погодуваат стандардот на граѓаните. Затоа обнова на објектите и фасадите ќе биде еден од приоритетите, најави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ.
Секоја зграда е дел од идентитетот и душата на нашата општина. Старите згради ќе добијат нови, енергетски ефикасни фасади кои, покрај тоа што ќе го разубават просторот и ќе му дадат достоинствен изглед на Центар, ќе им донесат на граѓаните помали сметки за греење и поквалитетни услови за живеење – порача Лабудовиќ.
Тој нагласи дека модерниот Центар треба да биде пример за урбан развој со мерка, кој ќе ја спои естетиката со енергетската ефикасност, а грижата за секој жител ќе биде во сржта на секоја општинска политика.
Центарци заслужуваат достоинствен живот. Со целосна реконструкција и современ изглед, ќе создадеме општина која ќе зрачи со убавина и со ред, но и ќе обезбеди реални економски придобивки за секој граѓанин. Центар мора да го зачува својот дух и карактер, но и да чекори напред, во чекор со современите стандарди за живот – изјави Лабудовиќ.
Проектот за енергетска санација и обнова на фасадите е дел од пошироката визија на Лабудовиќ за модерен, чист и зелен Центар. Тој најави дека општината ќе аплицира и за европски фондови за поддршка на енергетската ефикасност и за одржлив урбан развој, со цел граѓаните да добијат долгорочни решенија, а не само козметички промени.
Овој проект не е само прашање на естетика, туку на подобар живот, пониски трошоци и поголема удобност. Сакам граѓаните да живеат во општина со убав изглед, чист воздух и ред. Центар заслужува да биде убав, достоинствен и енергетски ефикасен. Центар мора да биде убав – заклучи Лабудовиќ.