Skip to main content

Кипарското искуство и потенцијалните идни членки на ЕУ со нецелосна контрола врз својата територија

Три од кандидатите за членство во Европската Унија, Украина, Молдавија и Грузија, имаат една заедничка работа со Кипар, кој е членка на ЕУ веќе 21 година – немаат целосна контрола врз нивната меѓународно призната национална територија.

Владата во Киев нема контрола над Донбас и Крим, онаа во Кишинев над Приднестровие, а властите во Тбилиси над Абхазија и Јужна Осетија. Станува збор за автономни региони кои прогласиле автономија или независност.

Во услови кога трите земји имаат амбиции да станат членки на ЕУ, проблемите со нецелосниот територијален интегритет станува прашање и за самата Унија.

Кога станува збор за Украина нејзината желба за зачленување во ЕУ се поврзува со настојувањето да добие „безбедносни гаранции“ од Унијата, но во Брисел се јавува дилема дали земјата да се прими во полноправно членство во услови кога нема целосна контрола врз својата територија или пак пристапувањето да се одложи се додека Киев не го поврати целосно суверенитетот во рамките на меѓународно признатите граници.

Експертот во Центарот за геополитички и безбедносни студии (ГССЦ) од Вилнус, Денис Ченуша во интервју за порталот „Њу Јунион Пост“ посочува дека ЕУ веќе направи преседан со тоа што даде зелено светло за старт на преговорите за членство со Украина во време кога не нејзината територија се води војна, со што се создава директна закана по безбедноста на самата Унија.

Кога ЕУ и додели кандидатски статус на Украина, таа не направи разлика помеѓу регионите контролирани од Киев и оние под руска окупација. Пристапувањето, кога и да се случи, ќе се однесува на земјата како целина, а истиот принцип би важел и за Грузија и Молдавија“, смета Ченуша.

Речиси половина од германските граѓани го поддржуваат влезот на Украина во Европската Унија, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Институтот „ЈуГав“ (YouGov).

Според Ченуша, ова не би претставувало уникатен случај, бидејќи ЕУ зазеде таков пристап и при приемот на Кипар во 2004 година.

Имено, Владата во Никозија уште од средината на 70-те години на минатиот век нема контрола врз над 36 отсто од територијата на северниот дел на островот, на која во 1983 година беше прогласена т.н. Турска Република Cеверен Кипар, која е призната само од страна на Турција.

Но, ова не беше проблем за зачленување на земјата во ЕУ, за која формално нејзин дел е целиот кипарски остров.

Немањето целосен територијален интегритет (од страна на Никозија) не претставува никаков егзистенцијален проблем за ЕУ. Она што е егзистенцијален проблем за земјата, не и за ЕУ како целина и никогаш не се сметал како безбедносна загриженост во Брисел“, смета Ченуша.

Сепак, според Ченуша, малку е веројатно дека „кипарското решение“, како нешто што е без преседан во историјата на проширувањето на ЕУ, би можело да се искористи како позитивен пример и да се примени и во случаите со Молдавија и Грузија, а пред се со Украина.

Географската близина на сепаратистичките региони во трите држави до Унијата создаваат загриженост на земјите членки, особено оние долж источната граница на ЕУ, со што Русија добива третман на главна закана за Унијата.

Ова никогаш не било случај со Турција“, нагласува Ченуша.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на меѓународно признавање на Cеверен Кипар каде што вчера престојуваше во прва официјална посета по неговиот реизбор за претседател.

Во случајот со Кипар, според Ченуша, ЕУ се обиде да ја искористи европската интеграција како движечка сила за да охрабри повторно обидување на двете кипарски заедници, иако засега без успех. Унијата дополнително дава и финансиска поддршка за турската кипарска заедница со цел да обезбеди одржување на колку што е можно поизбалансиран развој на двата дела на островот.

Од друга страна, т.н. Турска Република Cеверен Кипар ужива солиден степен на развој, бидејќи е директно поврзана со Турција која претставува регионална сила и има функционална економија.

Турција е во поинаква позиција и затоа што претставува важен фактор во зајакнувањето н безбедносна и одбраната на Европа, кои последниве години имаат значително влијание врз политиката за проширување на ЕУ.

„Кипарскиот модел“ делумно би можел да се искористи во Молдавија со овозможување на слободна трговија со ЕУ и пристап до европскиот пазар за компаниите од Приднестровие, врз основа на одредбите од Договорот за асоцијација меѓу Молдавија и Унијата.

Но, ова, според Ченуша, е неприменливо за Украина, чии региони Донбас и Крим уште и пред стартот на војната во 2022 година беа опфатени со режимот на меѓународни санкции и нема можности за економско поврзување со ЕУ.

Во слична позиција се и грузиските региони Абхазија и Јужна Осетија, кои де факто функционираат како независни држави признати само од Русија, Венецуела, Науру, Никарагва и поранешниот режим во Сирија.

Поврзани вести