
Едукативната електронска игра за средношколци „Сива Зона“, кој се одржа на 26 септември во Netaville од денеска јавно ќе биде достапна на веб страна https://sivazona.mk/, каде секој ќе добие можност да ја превземе и да добие повеќе информации околу иницијативата.
Како што се наведува во соопштението на „Зива зона“ на промоцијата на едукативната електронска игра за средношколци присуствувале 70 средношколци од средните училишта на територија на град Скопје.

На настанот се одржале две панел дискусии: „Едукативните електронски игри како алатка за општествени промени“ каде говореа Миа Бојковска, училишен психолог во СУГС ,,Димитар Влахов“ и Столе Пандов, советник за млади во кабинетот на премиерот и „Младите како креатори – од идеја до реализација“ каде средношколците имаа можност да разговараат со тимот кој ја креираше едукативната игра „Сива Зона“. На оваа панел дискусија говореа: Христина Јовчевска – проектен координатор на иницијативата, Огнен Кипријановски – координатор за односи со јавност, Мина Здравевска – координатор на едукативни содржини, Александар Талевски – креатор на играта, Филип Младеновиќ – креатор на играта, Филип Симоновски – дизајнер на позадина и амбиент, Мартин Настески – дизајнер на карактери.
По панел дискусиите публиката добила ексклузивна можност да ја тестира и испроба играта, воедно да даде свои коментари, мислења и заклучоци за позитивните и негативните аспекти од истата, пред јавно да биде достапна.

„Сива зона“ е едукативна електронска игра наменета за средношколци, чија цел е подигнување на свеста за корупцијата и последиците од неетичките избори. Играчот ја превзема улогата на средношколец во последната година од своето средно образование, затекнат на патот да одлучи каде ќе ги продолжи своите студии и високо образование. Добива прекрасна можност за стипендија на одличен универзитет во странство, но времето за аплицирање на стипендијата е кратко. За да успее, играчот мора да помине низ серија предизвици и ситуации што ја одразуваат реалноста – подготовка на документи, административни процедури, разговори со институции и полагање на тестови. На секој чекор, играчот се соочува со избор: да оди по чесен пат и да вложи труд или да избере коруптивни практики кои на прв поглед изгледаат како побрзо решение.
Одлуките кои ги превзема го водат играчот низ ‘сива зона’ – простор во кој границата помеѓу етички исправните постапки и нелегалните дејствија е неодредена и тешко разграничена. Секој избор има последици врз текот на приказната и крајниот исход: добивање на стипендијата на чесен начин, губење на можноста или постигнување на успех преку коруптивни практики што оставаат негативни траги.
Играта нуди повеќе сценарија и завршетоци, што ја прави повторно игрива и интерактивна, а истовремено поттикнува критичко размислување кај младите за важноста на интегритетот, етичките избори и последиците од корупцијата.
Цели на играта кои стремиме да ги постигнеме се следните: Младите се соочуваат со реални коруптивни ситуации. Се поттикнува критичко размислување, морална проценка и активна рефлексија на одлуките кои ги носи секој играч. (во процесот на играње на секој играч му се мери интегритет, репутација, време и пари). Се промовираат вредности како интегритет, чесност и отпор кон корупција. Се создава долготраен ресурс кој ќе се користи во наставни и неформални едукативни средини, наведуваат од тимот на „Сива зона“.
Иницијативата е спроведена од страна на седум млади студенти како неформална група, а истата се се спроведува во рамки на проектот „Иновативно антикорупциско застапување и младинско ангажирање“, кој го спроведува Младински Совет Прилеп. Проектот е дел од програмата за мали грантови на СЕЛДИ која се спроведува во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“, финансиран од Европската Унија.