Skip to main content

Нема веќе хартиени карти, „Рајанер“ ќе прифаќа само дигитални авионски влезници

Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ (Ryanair) објави дека од 12 ноември ќе прифаќа само дигитални авионски билети, барајќи од патниците да се пријават онлајн и да го генерираат својот билет преку апликацијата „Мај-Рајанер“ (‘myRyanair’).

Од следниот месец, патниците на авиокомпанијата со седиште во Даблин, Ирска, ќе мора да имаат дигитална влезница за летовите. Преминот кон дигитално патување првично беше закажан за 3 ноември, но беше малку одложен поради училишните распусти во Велика Британија. Авиокомпанијата вели дека ја донела одлуката бидејќи речиси 80 отсто од нејзините патници веќе користат дигитални влезници. Исто така, се вели дека овој потег е во согласност со другите современи деловни области – како што се фестивали, концерти и спортски настани, коишто успешно преминувааа кон целосна дигитализација на билетите.

Преминот на „Рајанер“ кон 100 отсто дигитални билети ќе им обезбеди побрзо, попаметно и поеколошки искуство за патување на нашите патници – рече главниот директор за маркетинг на „Рајанер“, Дара Брејди.

Исклучоци

Постојат ситуации кога патникот не може да генерира или да пристапи до својот дигитален билет во апликацијата – на пример, ако нема паметен телефон или батеријата му е празна. Во овие случаи, компанијата потврди дека патниците ќе можат да побараат хартиена карта за влез во авионот на шалтерот за пријавување на аеродромот. Таа ќе биде издадена бесплатно, под услов патникот да докаже дека се пријавил онлајн.

Истото важи и за летовите од Мароко, каде што тамошните прописи налагаат хартиени билети. И при тој исклучок, картата за влез во авионот ќе биде издадена бесплатно на шалтер.

Поврзани вести