
Вечерва сме собрани овде – обединети, горди и силни да покажеме дека ние знаеме како, можеме и мораме да работиме за развој и напредок на Кавадарци. Изминатите 8 години се вложив максимално посветено да направам од Кавадарци модерна и урбанизирана општина. Затоа денеска стојам гордо и ја барам вашата поддршка по трет пат, за да продолжиме да работиме чесно, одговорно, и да ја градиме и развиваме Општина Кавадарци заедно со проекти и дела, вели Митко Јанчев, кандидат за градоначалник во општина Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг.
Јанчев посочи дека изминатиот мандат има реконструирано на над 100 улици, воспоставено фекална и канализациона мрежа, како и изградба на 3 училишни спортски сали во село Сопот, Мрена и Возарци.
„Одговорноста е сега уште поголема, кавадарчани очекуваат уште повеќе работа и резултати. Но, јас имам визија и стратегија, програма која ветува и се обврзува на подобар и поквалитетен живот за сите кавадарчани. Во изминативе години инвестиравме во патната инфраструктура, реконструиравме и асфалтиравме на над 100тина улици во Кавадарци и населените места и поставивме фекална и канализациона мрежа. Целосно ја реконструиравме ул. „Шишка“ во делот од Булевар Видое Смилевски до Северен булевар, реконструкција на пат Дабниште – Ресава, комплетно асфалтирање на патот во село Возарци, а за зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот изградивме и нов кружен тек на регионалниот пат Кавадарци-Росоман“, кажа Јанчев.
Градиме и инвестираме во секое населено место подеднакво, рече тој.
-Доградба на две нови скијачка патека на „Михајлово“. Едната ќе ја отвориме на 1 јануари 2026, а втората со скијачки лифт на 1 јануари 2027 година. Во делот на гасификацијата и топлификацијата, Кавадарци веќе има одвоен буџет, уште од 20 октомври ќе отпочнеме со работа на тендерирање на 1,5 милиони евра за гасификацијата. Таа ќе биде заедно со топлификацијата, ќе донесе заштита на екологијата, заштеда на енергенси, повисоки стандарди и помали трошоци, вели Јанчев.
Во неговата програма се и изградба на голем број локални патишта, како и изградба на обиколница кај Кавадарци во должина од 16 километри.
На крај, Јанчев порача дека кавадарчани на 19 октомври гласаат за својата иднина, за проекти и дела и ги повика да излезат масовно и обединето да гласаат за бројот 9, за него и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ве повикувам работата да ја завршиме уште во првиот круг на 19 октомври, да излеземе обединети, сплотени да дадеме поддршка и за советничката листа предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Со заокружување на бројот 9 вие гласате за вашата иднина, за проекти и дела, за развој и сигурност. Гласајте за вашиот градоначалник, гласајте за советниците од нашата листа, гласајте за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Ова е победа за Кавадарци, за Македонија и за иднината на нашите деца. За твоето место, за твојата иднина и со твојот човек, за сите нас, заклучи Јанчев.