Саудиска Арабија ја предупреди Германија за човекот осомничен дека го извршил инцидентот на божиќниот пазар во Магдебург, според безбедносни извори од Саудиска Арабија, јави ДПА.
-Саудиска Арабија побара екстрадиција на осомничениот, именуван според германските закони како Талеб А., но Германија не одговори, велат изворите.
Тие рекоа дека човекот бил шиит муслиман кој потекнува од градот Ал-Хофуф во источна Саудиска Арабија. Шиитите се малцинство во земјата, сочинуваат само околу 10 проценти во мнозинската сунитска нација.
Германските власти биле известени за мажот пред околу една година, дознава ДПА, но природата на предупредувањето засега е непозната.
Приведениот осомничен е 50-годишен лекар, соопштија властите.
Тој е познат како активист кој го критикува исламот и пристигнал во Германија во 2006 година. ДПА дознава дека поднел барање за азил во февруари 2016 година и дека добил статус на политички бегалец во јули истата година.
На комеморацијата за жртвите од смртоносниот инцидент со автомобил на божиќниот пазар во Магдебург што ќе се одржи вечер во градот ќе присуствува германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Вчеравечер, автомобил влета во толпа луѓе на божиќниот пазар во Магдебург, околу 150 километри западно од Берлин. Најмалку пет лица загинаа, а повеќе од 200 се повредени.
Панихидата ќе се одржи во катедралата на главниот град на државата. По трагедијата, Штајнмаер го изрази својот длабок шок, изрази сочувство до жртвите и нивните семејства и им се заблагодари на спасувачките работници за нивните напори