
Со голема жалост ги известуваме сите родини и пријатели дека почина Трифун Талевски, уредник и новинар кој целиот професионален живот го помина во државната МРТВ и претходно во Јутел, односно РТСкопје1, пренесува Вечер.мк.
Трифун Талевски беше дипломец во рамките на Воената воздухопловна академија – отсек пилоти во Загреб, а подоцна дипломираше и на Факултетот за политички науки во Белград.
Како најдобар студент во генерацијата, професионалната кариера најпрво ја започнува во Јутел, за подоцна, на почетокот од седумдесетите години да премине во некогашната РТСкопје 1, која по осамостојувањето прерасна во МРТВ.
Од некогашната Радио- телевизија Скопје, до пензионирањето во МТВ, Талевски остави длабоки траги во новинарството преку илјадници текстови, телевизиски прилози и голем број емисии.
Во 1980-те и 90-те е веке реномиран и докажан новинар и Уредник во Внатрешно-политичката редакција на РТСкопје 1.
Припаѓа на плеадата уредници, коментатори и новнари кои оставија белег во ТВ новинарството.
Негова специјалност беше внатрешната политика, беше уредник на Дневникот на РТСкопје1.
Автор и уредник е на емисијата „19.00“ што се емитуваше секој работен ден пред централниот Дневник, која одеше во терминот од 19.00 до 19.30.
Потоа беше дел од уредничкиот колегиум во создавањето на дописната мрежа на МРТВ, а подоцна и уредник во Македонското радио.
Роден е во с. Габалавци, Битола, на 19.10.1943 година.
Зад себе ја остави сопругата Лимба, татко е на Ивона Талевска, која го наследи во новинарството и на синот Стефан Талевски кој изгради успешна меѓународна кариеара во Италија и САД.
Погребот ќе биде извршен во 12.00 часот на 29.09.2025 година (понеделник) на градските гробишта Бутел во Скопје.