
Националната комора на занаетчиите на Македонија јавно ја поддржа иницијативата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за институционална заштита на македонскиот рубин – единствениот природен рубин во Европа, кој се вади и обработува само во Прилеп и во Мариово.
Како што соопшти Министерството, на средбата со министерката присуствуваа претседателот на Комората Агрон Фазлији, членката на надзорниот орган Соња Вељанова, директорката на Републичката комора, Јелена Спасова, и долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко.
„Претставниците на Комората оценија дека институционалната заштита што ја иницира министерката ќе внесе ‘силен ветер во грб’ на македонското занаетчиство. Тие посочија дека уникатни рачно изработени парчиња накит и уметнички дела со македонски рубин ќе ја претставуваат земјата пред светот, како автентичен симбол на нејзиното природно и културно наследство“, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во знак на благодарност, министерката добила симболичен подарок – рачно изработен „Македонски клуч“ со вградени минерали од македонската почва, дело на Соња Вељанова, кој претставува симбол на доверба и заеднички напори за зачувување на националното богатство.