Skip to main content

ЦУК: Од вкупно 29 пожари на отворено, три сè уште се активни и три се под контрола

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека на територијата на Македонија во изминатите 24 часа, до 7 часот утрово, биле регистрирани вкупно 29 пожари на отворено.

Од нив, три се активни, три се под контрола, а 23 се веќе изгаснати.

Активен пожар има во Општина Гевгелија, на планината Кожуф, каде гори букова шума. Сè уште гори и во Општина Македонски Брод, над селото Бенче, на планината Добра Вода, каде пожарот има зафатено дабова шума и папрат.

Третиот активен пожар, како што велат од ЦУК, е во Општина Чучер Сандево, во селото Малино, каде гори мешана шума.

Под контрола се пожарите во Општина Гази Баба, во атарот на селото Виниче, во Општина Студеничани, кај селото Батинци и на градската депонија „Острец“ во Делчево.

Во текот на вчерашниот ден и ноќеска од ЦУК велат дека се изгаснати вкупно 23 пожари во повеќе општини низ земјата. Повеќето од овие пожари зафатиле ниска вегетација, стрништа и диви депонии.

Поврзани вести