
„Штрих“ ја објавува програмата на „Андр 600“ – првиот фестивал што ги обединува независните театри од Западен Балкан, кој ќе се одржи од 25 до 28 септември 2025 година во Скопје, под мотото „И покрај сѐ“, а е поддржан од Британскиот совет.
Фестивалот е со фокус на млади уметници: Специјална програма што вклучува проследување на фестивалот од студенти од регионот и презентирање две претстави, со цел поддршка на следните генерации театарски креатори.
„Андр 600“ е иницијатива за зајакнување на независниот театар во регионот на Западен Балкан, создадена од „Штрих“ заедно со театарот „Дах“ од Србија и театарот „Корифеј“ од Црна Гора. Регионалниот карактер на фестивалот овозможува создавање заедничка енергија и согледување на творечките сличности и различности во регионот.
Фестивалот ќе го претвори Скопје во прослава на независниот театар, создавајќи простор за слободно творештво и уметничко влијание.
„Андр 600“ е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (ЦЦ4ВБс), финансиран од Европската Унија, кој има цел да го подобри дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор, како и развој на потенцијалот на секторот за социоекономско влијание во овој регион.
Фестивалот ќе претстави вкупно 12 претстави и перформанси, со посебен фокус на македонската продукција. Преку оваа ревијална селекција, публиката ќе има можност да се запознае со моменталните трендови и естетички тенденции во современиот независен театар од регионот, како и со предизвиците со кои тој се соочува.
В четврток, на 25 септември, програмата почнува со претставата „Снег“ во 19 часот, во салата „25 Мај“ – Младински културен центар. Претставата е во продукција на „Штрих“ од Скопје, а во режија на Зоја Бузалковска.
Истата вечер, во 21.30 часот, ќе може да се проследи „Крст со петокрака“ во киното „Фросина“ – МКЦ. Претставата е во продукција на театарот „Корифеј“, Колашин, Црна Гора, во режија на Зоран Ракочевиќ.
В петок, на 26 септември, во 17 часот е закажана „Ready-made play“ на улицата Македонија. Перформансот е на Ивица Димитријевиќ во продукција на „МИ филм и театар“ од Скопје.
На Факултетот за драмски уметности – Скопje, во 18 часот, ќе може да се погледне „Сѐ додека зборуваме за љубовта“ во продукција на театарот „Промена“ од Нови Сад, Србија, а во режија Маша Павловиќ.
„Којзнае зошто?“ публиката ќе може да го погледне во 20 часот, во киното на железничката зграда. Претставата е во продукција на здружението „Купола“, Штип, во режија на Дамјан Читкушев.
Истата вечер на Факултетот за драмски уметности, во 22.30 часот, ќе може да се погледне „Ла макбет“ во продукција на „Хибрид“, Скопје, во режија на Шенај Мандак.
В сабота, во „Котур кафе и филм“, во 17 часот ќе може да се погледне монодрамата „Срам“ на Ангела Стојановска во продукција на „Тииит Инк!“, Скопје.
„Ready-made play“, перформансот на Ивица Димитријевиќ, повторно ќе може да се погледне на улицата Македонија, во 18 часот.
А во 19 часот ќе настапи театарот „Златен елец“ со претставата „Добри луѓе“ во киното во железничката зграда.
Истата вечер на Факултетот за драмски уметности – Скопје, во 21 часот, е закажана „Загатката на револуцијата“ во продукција на театарот „Дах“ од Белград, во режија на Дијана Милошевиќ.
Во „Гарсон бар“, в недела, во 17 часот програмата почнува со „KRIEG/A-C-I-N-S-E-L-A-K“, во продукција на „ИТИ Македонија“; експериментален видеотеатарски проект на Ивана Апостолова Баскар, а во 18.30 часот, „Смрт во Дубровник“ во продукција на „Празен простор“, од Подгорица, Црна Гора, во режија на Петар Пејаковиќ.
Програмата ќе се затвори со „Онлифенс“ во продукција на „Артопија“, во Скопје, во „Д дјуд спешалти кафе“.