
Портпаролката на грчкото МНР, Лана Зохиу на брифинг со новинарите ја повтори и истакна потребата за прекин на огнот и непречен проток на хуманитарна помош во Газа.
Зохиу посочуи дека „во овој момент се случува хуманитарна катастрофа“, но додаде дека Грција, како стратешки партнер на Израел, многу пати укажала на прашањата поврзани со Газа, јави дописничката на МИА од Атина.
Грција, секаде, со своите изјави и во рамките на ЕУ и на Советот за безбедност, зазеде став за прашањата поврзани со кризата во Газа. Како за хуманитарната криза, така и за потребата и приоритетот од постигнување прекин на огнот, потребата од непречен проток на хуманитарна помош и за прашањата за институционална и економска помош на палестинската управа. Паралелно Грција е стратешки партнер на Израел. Како стратешки партнер на Израел и како кредибилен соговорник на Израел, многу пати укажа на прашањата поврзани со Газа, како што треба тоа да го прави секој партнер, рече Зохиу.
Во однос на меѓународната иницијатива „Global Sumud Flotilla“ и безбедноста на конвојот бродови, меѓу кои и грчки, што има за цел да стигне до Појасот Газа, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција рече дека со оглед на тоа што пловидбата е во тек, ја следат внимателно и се грижат за почитување на правилата за безбедна пловидба.