
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај го поздрави отворањето на четвртата група поглавја на шестата меѓувладина конференција Албанија-ЕУ, што се одржа денеска во Брисел, оценувајќи го како важен чекор на патот кон полноправно членство на Албанија во Европска Унија.
Шефот на државата изрази уверување дека со ова темпо на напредок, отворањето на сите поглавја од преговорите со ЕУ ја ќе биде финализирано во текот на годинава.
Уште еден многу важен чекор во процесот за полноправно членство во Европа. Денеска Албанија ги отвори преговорите за Групата поглавја 4: Зелена агенда и одржлива поврзаност. Со ова темпо, Албанија е на добар пат да ја постигне својата цел за отворање на сите поглавја од преговорите во текот на годинава, објави Бегај на Фејсбук.
Кластерот 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност, ги вклучува поглавјата 14 (транспортна политика), 15 (енергија), 21 (трансевропски мрежи) и 27 (животната средина и климатските промени). Албанија од октомври минатата година до мај оваа година отвори четири кластери – 1 (фундаментални), 2 (внатрешен пазар), 3 (конкурентност и инклузивен раст) и 6 (надворешна политика).
Ова значи дека за само осум месеци отворила 27 поглавја од преговорите. Единствениот кластер што остана неотворен е Кластерот 5, кој се занимава со ресурси, земјоделство и кохезија а кој, според медиумите, треба да биде отворен на 2 октомври.