
Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, на 25 август во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
– Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27 август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.