
Голема победа за македонското сликарство! Муралот на Борко Лазески во Мексико Сити кој беше изработен 1985 год. сега е реставриран и ставен во центарот на вниманието во Museo Tehnologico. Реновирањето на музејот траеше повеќе години. Во центарот на светскиот мурализам блеска сликата на маестро Лазески!, објави македонскиот сликар Никола Пијанманов на социјалните мрежи.
Лазески (Прилеп, 22 октомври 1917 – Скопје, 16 јуни 1993) бил еден од првите апстрактни сликари во Македонија. Најпознат е по своите фрески изведени во Скопје, Кичево, Велес, Град Мексико итн. Исто така, тој е автор на повеќе мозаици. Лазески сликал и масло на платно, а најмногу е познат по своите мурали, главно со тематика од Илинденското востание и од НОБ. Така, со својот мурал во поранешната железничка станица во Скопје, тој се стекнал со слава во рамките на Југославија. Меѓутоа, тоа дело било уништено за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во јануари 2013 година, во пожарот што ги зафатил просториите на централата на Македонска пошта бил уништен уште еден негов мурал.