
Министерството за образование и наука ќе продолжи да вложува напори за подобрување на условите во сеизмолошката опсерваторија, но треба да се потруди и раководството на институцијата и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ под чија надлежност е, да бараат и други начини на финансирање и обезбедување опрема. Тоа го истакна ресорната министерка на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања за состојбата на опсерваторијата.
Изрази задоволство што опсерваторијата добила проект, со кои средства ќе можат да купат две до три мерни станици. Опсеравторијата, нагласи, е дел од Природно – математичкиот факултет, кој е единка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кој има буџет и треба да води сметка за неговите сопствени приоритети.
Униеврзитетите и факултетите во Македонија се борат за својата автономија и јас максимално ги поддржувам во тоа. Но, кога станува збор за нивните потреби генерално во опрема тогаш се повикуваат на државата. Државата своите обврски ги остварува кон универзитетите и факултетите, за оваа година тврдам дека сме направиле максимум што сме можеле. И понатаму ќе ги помагаме универзитетите зашто јас тврдам дека она во што со светот ние можеме да се натпреваруваме е науката, високото образование. Но и тие треба да си ја сфатат обврската дека треба да се потрудат и раководството на опсерваторијата и на Универзитетот да бараат разни други начини освен Министерството за финансирање. Има Европска унија, ИПА Фондови, компании кои соработуваат со образованието и многу други можности кои можат да и помогнат на државата, рече Јаневска.
Изрази уверување дека, вели, не треба да бидеме загрижени дека ќе останеме без сеизмолошка опсерваторија, посочувајќи дека имаме долга историја на сеизмичко следење и со земјотреси и со катастрофален земјотрес, а го имаме и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје.