Skip to main content

Афро-џезот синоќа го исполни Долни Сарај со ритам, со енергија и со срце

Афро-џезот синоќа го исполни Долни Сарај со ритам, со енергија и со срце.

Националниот џез-оркестар на Македонија и Сеун Кути го претворија Охрид во сцена на глобален звук со бранови од импровизација, бунт, афробит и џез слобода.

Сцената  „Долни Сарај“ вчеравечер беше центар на музичките збиднувања во Охрид со концертот на „Охридско лето“  кој го одржаа  Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, вокал и саксофонист, Шеон Кути, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.

Кути, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика, е најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути, поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“ (Egypt 80). Неговата дискографија со бендот вклучува пет албуми од кои последниот Heavier Yet (Lays The Crownless Head,) издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц.Шеон Кути е номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.

На програмата беа изведени авторски композиции од богатото творештво на  Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.

– Ова беше премиерна изведба на ваков тип музика бидејќи се нови аранжмани коишто ги работевме со Шеон за овој проект, така што,  ова е премиерна изведба. Имаше композиции кои никогаш досега не беа изведени, премиерни се, и не се издадени  на ниту еден носач на звук.  Размислувавме што би било интересно да направиме а да биде малку поразлично од сите претходни години и констатиравме дека  можеби афробит музиката  или стилот  е добро решение за еден летен концерт  на кој луѓето можат да уживаат, да танцуваат и да се веселат на убавите и силни текстови кои повикуваат на љубов, слобода, на револуцуја, на спас за духот, вели диригентот Џијан Емин.

Целата музика што беше претставена вчеравечер, според него, е базирана на танц.

-Мене лично, ме привлекува африканската музика, и ретко се случува да имаме  вакви настани. Овој концерт е прва соработка  на Националниот џез оркестар со Шеон Кути. Кога бев дел од Македонската филхармонија сум работел со неговиот постар брат Феми Кути со кого одржавме концерт  во Градски парк во Скопје, но и еден концерт во Белград пред 25-илјадна публика, појаснува Емин. 

Националниот џез оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија. Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.

Мисијата на оркестарот е да ја обедини и збогати македонската џез-сцена преку афирмација и популаризација на џез-музиката, како во земјава, така и на меѓународно ниво. Целта на оркестарот е да ја подобри музичката продукција, да едуцира млади таленти и нова публика, и да организира настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата и културата, воопшто.

Поврзани вести