
Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, денеска присуствуваше на традиционалната иселеничка средба „Ден на дијаспора 2025“, што се одржа во манастирско-туристичкиот комплекс „Еленец“ во селото Цера.
Атанасовски, заедно со директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, оствари средби со иселеници од повеќе европски земји, при што беше потенцирана силната поврзаност на дијаспората со родниот крај и потребата од продлабочување на соработката.

Во секој разговор почувствував јасна желба и реална потреба од поинтензивна соработка на нашата општина со иселениците и нивните организации и здруженија. Ова ќе биде сегмент од нашето работење кој во наредниот период ќе го интензивираме, со цел создавање нови можности и поголема поддршка за нашите сонародници во странство, изјави Атанасовски.
Тој нагласи дека Општина Македонска Каменица, во соработка со Агенцијата за иселеништво, останува посветена на креирање конкретни програми и услови за вклучување на иселениците во локалната заедница и поттикнување инвестиции во нивното родно место.